Словенија сака да го активира резервниот армиски состав на јужната граница

Министерството за одбрана на Словенија ги повика припадниците на резервниот армиски состав, кои се во можност повторно да се пријават за служба во армијата.

Како што јави дописникот на МИА, оние војници кои доброволно се пријавиле за обука која им заврши во март, а сакаат да останат и да служат во армијата следните два месеци, се повикани од Министерството што побрзо да ја поднесат апликацијата.

Ова според надлежните се прави поради променетите случувања и потребните кои се појавија по епидемијата на коронавирусот.

Дополнително словенечкото Собрание уште оваа недела ќе гласа по предлогот на министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, војската да добие некои полициски овластувања. Ова се прави за да можат вооружените сили да бидат поефикасни при чувањето на јужната граница поради зголемените обиди за илегални поминувања на мигрантите.

Претседателот Борут Пахор веќе изјави дека тој го поддржува зголемувањето на овластувањето на војската, но исклучиво поради чување на јужната граница.