Словенија сака повторно да воведе мерки на заштита

Словенија размислува повторно да воведе некои од рестриктивните мерки за граѓаните и повторно да ги отвори карантинските центри. За ова се размислува откако во земјата почнат да се појавуваат нови случаи на коронавирус, јавува МИА.

Портпаролот на владата Јелко Кацин на редовната прес-конференција изјави дека не се работи за строги мерки, односно најверојатно повторно ќе биде мора граѓаните да носат заштитни маски во сите затворени простории, а поради увезените случаи најверојатно и пак ќе се отворат карантинските центри.

Албанија и Португалија, поради влошената епидемиолошка слика, се новите држави ставени на „црвената листа“, а нивните граѓани при влегувањето во Словенија ќе мораат да одат во 14-дневна изолација или карантин.

Вчера во земјата беа потврдени 13 нови случаи на лица заразени со коронавирусот што е најголемо дневно зголемување од 24 април.

Според словенечката Цивилна заштита, се работи пред сè за случаи кои се „увезени“ од Босна и Херцеговина.

„Се работи за примери на заразени кои вирусот го добиле во Босна и Херцеговина. Треба да искажеме и пофалба бидејќи новозаразените веднаш се изолирани, а се најдени и сите оние со кој тие имале контакт“, изјави Сречко Шестан од Цивилната заштита.