Словенија сепак нема да брза со олабавување на мерките

И покрај тоа што беше најавено дека веќе на 4 мај ќе биде донесена одлука за повторно отворање на повеќе помали бизниси и ќе се укинат некои ограничувања за движењето на граѓаните, словенечката Влада реши уште малку да се почека со олабавувањето на мерките.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова значи дека на почетокот на следниот месец, сепак нема да бидат отворени толку очекуваните фризерски и козметичарски салони, а останува и забраната за граѓаните да ја напуштат општината каде што живеат.

Една од причините за ваквата одлука, според Владата, е тоа што е потребно прво да се добијат и анализираат резултатите од големото испитувања за вистинската раширеност на коронавирусот во Словенија, кое предвидува „слепо” тестирање на 3.000 граѓани од сите општини низ земјата.

Според владиниот портпарол Јелко Кацин, во овој период се врши тестирањето кај најмладите, а тоа треба да даде реална слика за раширеноста на вирусот и кај оваа категорија граѓани.

– Некои држави на големо најавуваа дека ќе ги олабавуваат ограничувањата за граѓаните, но сега гледаме дека тој оптимизам некако стивнува. Ние ќе го почитуваме и нивното мислење и ќе го земеме предвид кога ќе се носи одлука кои ограничувања ќе ги олабавиме – изјави Кацин.

Минатата недела во Словенија повторно се отворија некои спортски објекти, сервиси за велосипеди и автомобили, автоперални, станици за технички преглед и разни сервиси.

Зоолошката градина во Љубљана која речиси два месеца беше затворена поради епидемијата на новиот коронавирус од утрово повторно ги отвори вратите за посетителите.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, таа ќе биде отворена од девет до 19 часот, а посетителите ќе треба да ги почитуваат сите препораки за да се намалат шансите за зараза со ковид-19.

Управата на Зоолошката градина соопшти дека пред билетарницата мора да има два метри растојание меѓу луѓето кои чекаат, а истото важи и за пред тоалетите и продавниците, што се во самата градина.

Дополнително на повеќе места се поставени и гелови за дезинфекција на раце кои посетителите се должни да ги употребуваат.

Некои делови во зоолошката градината каде е можно на мал простор да се соберат многу луѓе остануваат затворени, а како ќе бидат и тие отворени дополнително ќе се одлучи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.