Словенија воведува систем на повратна амбалажа за пластични шишиња и лименки

За да го зголеми одвоеното собирање и рециклирање на пластиката, Словенија ќе воведе кауциски систем на повратна амбалажа каков веќе има во некои земји во Европската унија и кој се покажал ефикасен.

Предлогот на еколошките здруженија таквиот систем да биде вграден во законот за заштита на природната околината, кој во постапка веќе го предаде владата, го прифатило министерството за околина и простор, а ќе биде воведен за пластичните шишиња за еднократна употреба и за лименките, потврди за медиумите министерот од споменатиот ресор Андреј Визјак.

Во Словенија пластичниот отпад од домаќинствата одвоено се собира во комуналните контејнери. Меѓутоа, еколошките здруженија се залагаат за зистем за одредување кауција за повратната амбалажа кој потрошувачите би ја добивале назад при нејзиното враќање. Сметаат дека таквиот начин на собирањето на отпадната пластика би бил поефикасен, бидејќи речиси половината од таквата амбалажа сега не се рециклира.

Се проценува дека во Словенија годишно се фрлаат или депонираат во комуналните контејнери околу 10.000 тони пластични шишиња од пијалаци и од млеко, а нивото на одвоеното собирање на таквиот матерјал, согласно директивата на ЕУ, би требало до 2029 година да се зголеми на 90 отсто.

„Системот на кауциското собирање на ваквата амбалажа веќе се применува во повеќе европски земји. Тој овозможува поефикасно собирање на отпадната амбалажа, остварување на еколошките цели и создава нови работни места“, тврди здружението „Eko krug“ која ги иницирала законските промени во оваа област.

Иницијаторите предлагаат кауцијата за пластично шише да биде во износ од 10 евроценти.

Здружението смета и дека новиот систем би требало да се примени што поскоро, додека минитерството за околина соопшти дека би требало да заживее до 2025 година, пренесуваат словенечките медиуми.