Словенија забрани дочек на Нова година на отворено

Словенија денеска забрани масовни дочеци на Нова година на отворено, но им дозволи на угостителите да работат до раните утрински часови со задолжителни потврди за ковид и негативни тестови за сите, без разлика на ковид-статусот.

Владата најави епидемиолошка рамка која ќе биде во сила за време на божиќните и новогодишните празници и која е многу поблага од лани кога речиси се беше затворено.

За разлика од минатата година, во црквите ќе се одржат полноќните богослужби, но ќе можат да присуствуваат само вакцинирани лица, оние кои преживеале ковид-19 или имаат негативен тест.

За време на божиќните и новогодишните празници, на 24, 25 и 31 декември, како и на 1 јануари, ќе биде дозволено да се соберат лица од најмногу три домаќинства, под услов претходно да се тестираат сите постари од шест години, соопшти словенечката Влада.

Валидноста на брзиот антигенски тест е скратена на 24 часа, а на ПЦР на 48 часа.

Во рестораните е дозволена и музика во живо, а гостите ќе можат да се тестираат непосредно пред да влезат во просторот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.