Случаи на шуга кај деца во Демир Хисар

По информациите за случаи на шуга во училиштето во Демир Хисар денес побаравме информација од Центарот за јавно здравје од Битола кој што е надлежен  и за таа општина. Во соопштението се вели :

На 12.10.2018 година (петок) во Одделението по епидемиологија пристигнати се 6 пријави за  заразна болест со дијагноза скабиес. Пријавите се за 6 ученички од СОУ Крсте Петков Мисирков во Демир Хисар на возраст од 17 и 18 години. На 15.10.2018 година (понеделник), од страна на Одделението за епидемиологија од Центар за јавно здравје- Битола беше направен хигиено-епидемиолошки увид во здравствената установа која ги дијагностицирала и пријавила случаите и во училиштето при што беше направен увид во медицинската документација, беа добиени информации од матичниот педијатар, директорот на училиштето и 4 од заболените ученички. Беше констатирано дека матичниот педијатар во консултација со специјалист  дерматовенеролог од ЈЗУ Здравствен дом- Демир Хисар ја поставил дијагнозата, одредил терапија и препорачал превентивни мерки меѓу кои и домашно лекување на заболените.

Беа дадени следниве предлог мерки и препораки:

Заболените ученички да бидат на домашно лекување и да се придржуваат кон веќе дадените препораки за терапија и превенција од страна на дерматовенерологот, да се спроведе вонредна дезинфекција на училиштето и навремено јавување на секој нов случај со слична симптоматологија кај својот матичен лекар.

Од страна на Одделението за епидемиологија беше одржано кратко предавање за значењето на болеста, начинот на пренос и мерките на превенција на кое беа присутни ученици и родители, а од страна на Отсекот за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за јавно здравје- Битола, беше спроведена вонредна дезинфекција на училиштето.

Скабиесот претставува инфективно, паразитарно заболување со карактеристични кожни промени и силно изразен јадеж. Причинителот паразитира на површинскиот слој на кожата при што прв и водечки симптом е упорниот и мачен јадеж, особено изразен ноќе во топлиот кревет на карактеристични места на телото: помеѓу прстите на рацете, рачните зглобови, лактите, предната подпазувна линија, околу градите, папокот и половината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.