Случај „Санте Плус“: Двајцата анестезиолози отстранети од работа на КАРИЛ, едниот треба да врати 50.000 евра

До крајот на неделата се очекува да биде готов наодот од обдукција кој треба да покаже која е причината за смртта на родилка Дебора Џамбази, а извори на НОВА велат дека собрани се изјави од сите инволвирани страни.

Двајцата анестезиолози се отстранети од работи од КАРИЛ, а на едниот од нив не само што му се заканува суспензија туку ќе мора да врати и 50.000 евра на државата бидејќи специјализирал со кофинансирањe, пренесе Нова.

Анестезиологот кој пред една година завршил со специјализација се обврзал со договор, десет години да работи во јавно здравство, во спротивно треба да ги враќа парите со кои му било овозможено да специјализира.

„Не можел да има договор без да знам, а јас такво нешто не сум потпишал. Ќе покренеме се што е во наша надлежност за да се испита целиот сплет на околности кои довеле до смрт на родилката“, изјави за НОВА др. Илир Хасани директор на ТОАРИЛУЦ.

Родилката, 31 годишната Дебора Џамбази почина пред десттина дена при породување со царски рез во болницата Санте Плус, а раководството од болницата тврди дека починала на КАРИЛ каде што ја однеле со брза помош. Извештајот на КАРИЛ пак, покажува дека жената била донесена почината. Нејзиното бебе во тешка состојба, без пулс и без дишење е пренесено на Клиниката за детски болести и се уште е на одделот за интензивна нега.

Младата жена, познат стоматолог од Кичево на која ова и било прво породување бидејќи се лекувала од стерилитет, отишла да се породи во приватната болница Санте Плус (каде што не била лекувана или следена претходно) и при вовед во целосна анестезија со царски рез при ставање на тубусот и се зaтвориле дишните патишта, а анестезиологот при сите напори не успеал да ги ослободи за да може да дише.