Случајот „Рашковски“: Антикорупциска ги бара сите документи поврзани со тендерот за МНАВ

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) детално ќе го истражува случајот со набавката на радарски систем за  Контрола на летање односно МНАВ, во фокусот е и улогата на владиниот генерален секретар, Драги Рашковски во процесот на потпишување на договорот во вредност од седум милиони евра со италијанската компанија „Леонардо“.

„Во моментов сме во фаза на прибирање на информации, за сите информации кои ќе произлезат јавноста ќе биде информирана“, вели Владимир Георгиев, член на ДСКС.

Антикорупционерите од МНАВ ја побарале целата документација поврзана со спроведувањето на тендерот, изборот на компании, процесот на потпишување на договорот со претставниците на „Леонардо“. Од Владата, како што велат од Комисијата за спречување корупција, побарани е документација за тоа како е донесена одлука Рашковски да се вклучи во процесот на потпишувањето на договорот.

Особен интерес на истрагата којашто ја отвора Антикорупциска се и причините поради кои иако уште во 2016 година компанијата „Леонардо“ е избрана да го изгради новиот АТМ систем за МНАВ сепак потпишувањето на договорот се одложувало повеќе од две години се до ноември 2018 година.

Антикорупционерите ќе истражуваат дали причините за ваквото пролонгирање се поврзани со одредени незаконски дејствија. Од Комисијата велат дека во текот на нивната постапка ќе побараат одговори на сите прашања кои ги отворија медиуми, јавноста, но, секако и самиот Рашковски на прес конференцијата одржана во вторникот.

Членовите на ДКСК ја преслушале и аудио снимката од состанокот меѓу Рашковски, директорите на МНАВ и претставници на „Леонардо“. Сите заклучоци и докази кои што ќе произлезат од постапката во Антикорупциска ќе бидат доставени до Јавното обвинителство до кое веќе е поднесена кривична пријава против Рашковски од ВМРО ДПМНЕ.