Слушањето музика на Моцарт ги ублажува епилептичните напади

Слушањето музика на Волфганг Амадеус Моцарт не предизвикува само чувство на пријатност, туку може да влијае на подобрувањето на здравствената состојба, докажале канадските научници кои тврдат дека композициите на австрискиот музички гениј го намалува бројот на нападите кај пациените со епилепсија.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), епилепсијата, како најчесто невролошко нарушување, погодува околу 50 милиони луѓе во светот.

Резултатите од малото истражување коишто се објавени во стручното списание Epilepsia Open, би можеле да бидат клучот за откривање на потенцијалната медицинска полза од музиката.

Научниците во студијата ја користеле Моцартовата „Соната за два клавира во Д дур, К 448“ и преработена „пожива“ верзија на истата композиција за да испитаат дали таа позитивно ќе влијае врз епилептичната состојба на пациентот.

„Во последните 15 до 20 години многу дознавме за тоа на кој начин слушањето на музиката на Моцарт им помага на пациентите со епилепсија и намалувањето на зачестеноста на нападите“, вели главниот автор на студијата др Маржан Рафие (Marjan Rafiee) од Институтот за мозок во Торонто.

„Досега немаше одговор на прашањето дали сличен ефект ќе се добие и од слушањето на друг аудитивен поттик, односно контролна композиција“, додава Рафие.

Меѓутоа, притоа лекарите не се решиле за композиција од некој друг композитор, туку делумно ја измениле музичката структура на изворната верзија на сонатата на Моцарт.

Во повеќемесечната студија учествувале 13 пациенти поделени во две групи. Едната група во текот на трите месеца секој ден ја слушала споменатата соната, а потоа уште три месеца побрзата, изменета верзија на истата композиција, пишува магазинот Neuroscience. Кај втората група бил обратен редот на слушањето. Количеството на пропишаните лекови за тоа време на пациентите не им е менувана, а за зачестеноста на епилептичните напади морале да водат евиденција.

„Резултатите од студијата покажуваат дека секојдневното слушање на сонатата било поврвзано со намалување на зачестеноста на нападите“, заклучува Рафие, додавајќи дека резултатите укажуваат на тоа дека „музиката на Моцарт може да се разгледува и како заменска терапевтска опција за лицата кои болуваат од епилепсијата“.