Сменет и третиот министер за здравство на Еквадор за помалку од 3 недели

Еквадорскиот министер за здравство Мауро Фалкони поднесе оствка откако на оваа функција мина помалку од три недели, следејќи ги стапките на неговиот претходник, соопшти владата во Кито, пренесе ДПА.

– Нашите сениори заслужуваат најголема почит. Она што се случи денеска нема оправдување. Побарав оставка од министерот за здравство и тој ќе биде заменет со д-р Камило Салинас, напиша на Твитер претседателот Ленин Морено.

Локалните медиуми јавија за големите проблеми вчера и завчера со распределбата на вакцините во Кито, каде постарите граѓани чекаа по повеќе од осум часа во ред за да бидат имунизирани, пренесе ДПА.

Весникот „Ел Комерсио“ објави дека имало и проблеми со координацијата на испораката на вакцините, соопштувајќи дека слични проблеми имало и во Гвајакил.

Генералниот секретар на кабинетот, Хорхе Ватд Решуан, настаните во Кито на Твитер ги оцени за „неприфатливи“.

Фалкони е третиот министер за здравство што поднесува оставка во последните 40 дена.

Неговиот претходник, хирургот Родолфо Фарфан, оставката ја поднесе на 19 март иако на функцијата стапи на 1 март, а го замени Хуан Карлос Зевалос, кој поднесе оставка кон крајот на февруари, поради обвинувањата за фаворизирање на вакцините.

Салинас е шести министер за здравство во сегашната влада и петти од почетокот на пандемијата на коронавирусот, соопшти „Ел Универзо“.

Еквадор, латиноамериканска држава со околу 17 милиони жители, досега има регистрирано над 328.000 инфекции и речиси 12.000 смртни случаи поврзани со Ковид-19, јави ДПА. (МИА)