Сметките за енергија за домаќинствата во Британија повисоки за 80 отсто од октомври

Сметките за енергија за домаќинствата во Велика Британија во октомври ќе бидат повисоки за 80 отсто, на просечните 3.549 фунти (4.210 евра), објави регулаторот „Ogfem“, нарекувајќи го поскапувањето „криза“ којашто владата мора да ја реши со итна и решителна интервенција.

Големото поскапување силно ќе влијае врз домаќинствата ширум Велика Британија, а во јануари сметките веројатно повторно ќе растат, имајќи предвид дека големопродажните цени на гасот достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од намаленото снабдување од Русија, изјави извршниот директор на „Ogfem“, Џонатан Брерли.

Пазарот е премногу нестабилен за да се предвиди новото ниво на регулираните цени, што ќе стапи на сила во јануари, но имајќи ги предвид условите на пазарот на гас во текот на зимата, цените би можело „значително да се влошат“ во 2023 година, порачуваат од енергетскиот регулатор.

Растот на цените би можело да турне во сиромаштија милиони британски домаќинства, коишто потрошувачката ќе ја сведат на покривање само на основните потреби, а ќе ја загрози и иднината на многу компании ширум земјата.

И покрај инфлацијата којашто достигна највисоко ниво по 40 години и предупредувањето од британската централна банка за можна долготрајна рецесија, британскиот одговор на кризата ја попречи трката за заменикот на Борис Џонсон на премиерската должност. Новата премиерка односно премиер, Лиз Трас или Риши Сунка, мора нешто да преземе, веднаш штом ќе ја преземе должноста на 5-ти септември, истакна челникот на регулаторот за енергија.

„Одговорот ќе мора да биде сразмерен на кризата којашто е пред нас“, додава Брерли.

Министерот за финансии Надим Захави изјави дека подигнатите регулирани цени на енергијата ќе предизвикаат стрес и вознемиреност за милиони граѓани, додавајќи дека владата работи на план кој ќе му го претстави на новиот премиер или премиерка.