Сметководители бараат да се повлече законот и да се преработи

Сметководителите бараат итно да се повлече предлог Законот за вршење на сметководствени работи од собраниска процедура. Комората на сметководители побара средба со министерот за финансии Фатмир Бесими да му ги кажат слабостите на предложениот закон. Во предлог законот сметководителите гледаат дискриминација и загрозување на професијата. Не се согласуваат во Македонија сметководство да вршат и странски државјани, поточно од Европската економска заедница.

„ЕУ не бара вакво усогласување, што значи дека со оваа манипулација во законското решение само се прави упад на пазарот на даватели на сметководствени услуги од странство и се дискриминираат и загрозуваат сметководителите во земјава кои истото право не можат да го остваруваат интернационално“, рече Александра Андреева, Комора на сметководители.

Сметководителите уште еднаш побараа од Владата да го продолжи рокот за доставување на завршната сметка за компаниите. Велат дека тоа им е стар проблем и секоја година имаат потешкотии да стасаат навреме, а сега во време на пандемија кога дел од сметководителите биле изолирани како и претставници на компаниите.

„Бараме одлагање за поднесок на годишна сметка до 30.04 во хартиена форма и до 15.05 во електронска форма. Ова е во склоп со европските пракси бидејќи во унијата роковите се далеку подолги во однос на тие што ги имаме во Македонија“, вели Благоја Грозданов, Комора на сметководители.
Во земјава има околу 10 илјади сметководители. Неколку пати досега тие излегуваа на протести пред Владата да го изразат револтот поради како што велеа лошите законски решенија кои се на сила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.