Сметководителите бараат меѓуинституционална координација за мерките за поддршка на бизнисот

Комората на сметководители бара меѓуинституционална координација и комуникација со цел претпријатијата да можат максимално да ги искористат мерките за поддршка и да ја задржат својата ликвидност.

– Недостасува меѓуинституционална координација и комуникација поради ненавремено објавени обрасци, доцна ажуриран софтвер и пласирање на нетестирани системски решенија што паѓа на грб на сметководителите кои се приморани да ги вршат истите активности по повеќе пати неуспешно, до конечно поднесување, посочуваат од Комората на сметководители.

Сметководителите сметаат дека се потребни брзи, ефикасни и ефективни решенија наместо, како што велат, прекомплицирани процедури и неподготвен систем кој не врши соодветна валидација на податоците.

Истакнуваат дека предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење се бројни. Така, како што наведуваат, барањето за финансиска поддршка на самостојните вршители на дејност било поставено на веб страницата на УЈП на 4.5.2020, а крајниот рок за поднесување бил 5.5.2020 година. Исто така и новиот клиентски софтвер МПИН за наплата на придонеси бил подготвен на 11 мај, а крајниот рок за поднесување бил истиот ден.

Од Комората велат дека бројни поднесени барања за финансиска помош од 14.500 денари за исплата на плати и барања за субвенција на 50 проценти од придонесите се одбиени без причина поради системски грешки во е-даноците.

– Бидејќи при носењето на мерките, Министерството за финансии не ги зема предвид ограничените ресурси на останатите институции и не ги искомуницира и искоординира активностите меѓу институциите, целиот товар на комуникација со стопанството ќе падне на грбот на сметководителите бидејќи овие рокови на објава, а врзани со крајните рокови за поднесување е многу тешко да се постигнат, вели Александра Андреева од Комората на сметководители на Македонија.

Од Комората истакнуваат дека се подготвени да учествуваат во работните групи при носењето на законските решенија со цел во иднина да не се соочуваат со вакви ситуации.

Минатата недела, Комората на сметководители одржала состанок во Министерството за финансии на кој биле презентирани овие проблеми и како што соопштуваат, очекуваат реакции за надминување на ситуацијата.