Смилевски: По скандалозните меморандуми со Бугарија до земјите на ЕУ

ПОТСЕТУВАЊЕ: ЗОШТО НЕ Е ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ ДПМ И СОЈУЗОТ НА БУГАРСКИТЕ ПИСАТЕЛИ
– МАКЕДОНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ СО ИНДИГНАЦИЈА ГО ОДБИЈА ОБИДОТ НА БУГАРСКАТА СТРАНА ЗА НЕГИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
– НИЕДНА ПЕРСПЕКТИВА НА ЗЕМЈАТА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ НА СМЕТКА НА НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ

Скандалозниот меморандум на Бугарија до земјите на Европската Унија и провокацијата на Бугарската академија на науките (БАН) од крајот на минатата година, како обиди за негирање на македонскиот јазик, е резултат на рецидиви на бугарската шовинистичка политика од едно минато време. Јасно е дека станува збор за синхронизирана акција, инспирирана и поддржана од високи политички центри, во период, колку и да звучи тоа апсурдно, на усогласување на деталите што произлегуваат од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Ваквата стратегија на одредени структури во Бугарија најверојатно е подготвувана подолго време, а се интензивира пред неколку години, како компонента во утврдувањето позиции во врска со идејата за потпишување на договор за добрососедство и пријателство меѓу двете земји. Новата ситуација кај нашиот источен сосед остави свои траги и на односите меѓу Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Сојузот на бугарските писатели (СБП), кои својата соработка, во тек од, речиси, три децении, до 2017 година, ја остваруваа врз основа на договори потпишани на македонски и на бугарски јазик. Во 2017 година пропадна обидот меѓу ДПМ и СБП, веќе истечениот договор од четири години, да биде обновен и потпишан според усталените стандарди. Имено, откако сите одредби за обновување на договорот беа прецизирани, бугарската страна побара во документот да не се споменува македонскиот јазик, туку: уставниот јазик на Република Македонија! Друштвото на писателите на Македонија со индигнација го отфрли ваквиот обид за негирање на македонскиот јазик и со допис од 30 јуни ја откажа средбата што требаше да се одржи во Скопје на 7 јули 2017 година, во функција на потпишување на договорот. Ваквата апсурдна ситуација беше исконструирана непосредно пред потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија.

Барањето за отфрлање на македонскиот јазик од договорот што требаше да го потпишат писателските асоцијации на Македонија и Бугарија, според СБП, беа „мали корекции“, а во духот на бугарската подршка на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Во пораката од Софија се објаснуваа мотивите за ова барање: „Тие мали корекции се по желба на нашата комисија за меѓународна соработка при Управниот одбор и се поврзани со позициите на Бугарската влада за подршка на Р. Македонија во нејзината целокупност и на нејзиниот пат кон ЕУ“.

Документот за соработка во наредните четири години (2017-2021), во Скопје требаше да биде потпишан од тогашниот претседател на ДПМ (Веле Смилевски), и од претседателот на СБП, Бојан Ангелов, а комуникацијата околу подготовката на договорот се одвиваше преку претставникот на бугарската асоцијација, писателот Димитар Христов. Во овој контекст треба да се потсети дека Димитар Христов во изминатите дваесетина години имаше нагласена активност од страна на СБП во соработката со македонската писателска асоцијација и објавувањето дела од македонски писатели во Бугарија, преведени од македонски на бугарски јазик. Тој извршуваше важни функции во СБП: меѓу другото, беше претседател на Авторскиот фонд на бугарската писателска асоцијација и главен уредник на весникот „Бугарски писател“, орган на Сојузот на бугарските писатели.

Барањето на СБП за изоставање на македонскиот јазик од договорот што требаше да биде потпишан во 2017 година, за ДПМ беше изненадувачко, дотолку повеќе што тоа барање доаѓаше преку нашиот бугарски колега Димитар Христов, кој активно беше вклучен во подготвувањето на документите за соработка меѓу двете асоцијации по 2000 година. Сите договори во овој период беа потпишани на македонски и на бугарски јазик. Да потсетиме: На 30 септември 2002 година во Софија беше потпишан Договор за соработка маѓу Друштвото на писателите на Македонија и Сојузот на бугарските писатели. Договорот на македонски и на бугарски јазик го потпишаа претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, и претседателот на СБП, Никола Радев. Делегацијата на ДПМ ја сочинуваа Веле Смилевски, Влада Урошевиќ, секретар за меѓународна соработка и Методија Фотев, а на чинот на потпишувањето на документот, во „Прес центарот“ во Софија, присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија во Република Бугарија, Љубиша Георгиевски. Член на делегацијата на СБП беше и Димитар Христов кој непосредно учествуваше во подготвувањето на документот. Подоцна и другите договори меѓу ДПМ и СБП беа потпишувани на македонски и бугарски јазик. Последен пат договорот за соработка меѓу двете асоцијации, на македонски и на бугарски јазик, беше потпишан во Софија, на 3 март 2013 година.
Јасно е дека она што сега доаѓа како порака од Бугарија, во обид за негирање на македонскиот јазик, е знак на оживување на национал-шовинистичката политика од времето на Тодор Живков. Таа и таква политика е анахронизам за 21 век, таа не може да води кон добрососедство и пријателство меѓу државите и народите, и, како таква, во лицето на Европа, осудена е на пораз.

Македонскиот јазик е реалност и, според сите стандарди на постоење и функционирање на јазиците во светот, меѓународно признат. Тој е жив и животворен јазик, во идентитетска и креативна смисла. Оттука, никој нема право да преговара за македонскиот јазик. Но, ова наметнато прашање од бугарска страна, упатува на факти кои треба да се имаат предвид. Имено, низаа бугарски интелектуалци, уметници, писатели, луѓе од културата, имаат поинакво мислење од политичките конструкции за негирање на македонскиот јазик. Во изминатиот период делата на десетици македонски и бугарски писатели се преведени и објавени во Бугарија и во Македонија, во превод од македонски и од бугарски јазик. Факт е дека во Македонија и во Бугарија издавачите ги почитуваат стандардите за означување на преводите од македонски на бугарски јазик и од бугарски на македонски јазик. Во преведувањето на делата од двете литератури и од двата јазика, својот влог го вградија видни имиња на писатели и преведувачи од Македонија и од Бугарија. Тоа е, за жал, само дел од реалноста, но тоа е единствениот пат кој води кон афирмација, запознавање и зближување на спецификите и вредностите на литературите и културите на различните народи.