СМК го отфрла германскиот нон-пејпер за македонско-бугарските односи, како дискриминирачки и неприфатлив!

Светскиот македонски конгрес (СМК) го отфрла нон-пејперот од минатонеделната средба во Берлин на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Маас и Михаел Рот со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, како услов на Софија за прифаќање на преговарачката рамка од страна на Бугарија за одржување на првата Меѓувладина конференција на Македонија и Европската Унија во декември 2020 година за време на германското претседателство со Европската Унија! Впрочем и Красимир Каракачанов во Бугарскиот Парламент изјави дека Бугарија не потпишала никаков нон-пејпер во Германија на средбата со министрите од Македонија!

Нон-пејперот содржи девет точки во кои е наведено она што е договорено на оваа средба, по која следуваа телефонски разговори на германската канцеларка Ангела Меркел со премирот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов, но и на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер со неговите колеги од Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

СМК потсетува дека со амандманот 1 на Уставот донесен на 6 јануари 1992 година, Македонија веќе декларира: „Нема територијални претензии кон соседните држави“, и „границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.“

Независно од точката 11 став 6 од Декларацијата Георгиевски-Костов од 22 февруари 1999 година и членот 14 став 2 од Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, СМК го отфрла описот на „Македонскиот јазик во согласност со Уставот на државата Македонија“, во намерата на Софија да наметне став во Европската Унија дека Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик од кодификацијата во 1945 година и тоа да биде потврдено со унилатерална изјава во прилог на преговарачката рамка.

СМК ја отфрла работата на македонско-бугарската таканаречена „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“ и бара нејзино итно распуштање! Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ги отфрлаат „резултатите“ од работата на оваа комисија која пишува нова политичка историја за Македонија и за Македонскиот народ!

СМК потсетува дека Македонија утврдила уставни обврски за заштита, гаранција и негување на особеностите, историското и културното наследство на Македонскиот народ во соседството и светот! Антиуставно е Владата на Заев да изјави дека Македонци во Бугарија нема!

СМК отфрла изјава на Македонската влада дека „ќе обесхрабрува активности на приватни субјекти со цел поттикнување на насилство, омраза и други слични активности што може да ги нарушат македонско-бугарските односи“, затоа што за Софија тоа значи забрана на секоја мисла различна од бугарската перцепција за Македонија и Македонците, а по меѓународно право и Македонскиот Устав забрането е „ограничувањето на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата!“