Снегот предизвика хаос во Русија, дури 500 сообраќајки на час

Снежната виулица предизвика вистински хаос во Русија. За кратко време наврна 25 сантиметри снег, а во Москва сообраќајот е речиси парализиран. Руските медиуми наведуваат дека се случуваат дури 500 сообраќајки на час.

Најдолгата колона автомобили се протега во должина од дури 60 километри, соопшти службата за следење на сообраќајот Јандекс, а пренесе сајтот „Раша тудеј“.

Јандекс, што сообраќајните турканици ги рангира со скала од еден до десет, на денешниот хаос во Москва му ја додели највисоката оценка.

– Луѓе, запомнете го овој историски ден. Ова е првпат толку рано, уште на почетокот на зимата, да биде забележена оценката десет, и да трае толку долго, веќе седум часа. Ситуацијата ќе биде уште полоша, напиша на Фејсбук портпаролот на Јандекс, Елина Ставискаја.

На московските улици излегле повеќе од 11.000 специјализирани машини за чистење на снегот, кои имаат проблеми да излезат на крај со така големите врнежи од снег за така кратко време. Ситуацијата дополнително се влоши во вчерашните попладневни часови, кога поголем број граѓани тргнаа од работа кон своите домови.

Катастрофалните временски услови и исклучително малата видливост во руската престолнина предизвикаа голем број судари, па така во 17 часот по локално време полицијата пријави дека за само еден час се забележени дури  500 судари, вклучувајќи и 45 тешки сообраќајни несреќи.

На луѓето кои го користат градскиот превоз им се советува место тоа да пешачат, а во многу случаи е речиси неможно со автобус да се дојде до метро станиците.

Снежната бура го погоди и авио-сообраќајот во Москва, па откажани се 20 летови, а речиси 200 доцнеа. Некои патници на социјалните мрежи напишаа дека повеќе часови биле заглавени во авионите кои не можеле да полетаат заради снегот на пистите.