Снежна бура во Хрватска, сообраќајот во застој

Невреме проследено со снег и силна бура ја зафати синоќа Хрватска. Делови од Лика и Горски Котар се отцепени од остатокот од земјата, а на патиштата има завеани и превртени возила.

За сериозноста на ситуацијата говори и тоа што се отворени неколку прифатни центри за лицата кои останале во колоните. Некои мораа да преноќат во своите автомобили.

На терен се и спасувачите од Хрватска горска служба кои помагаат да се извлечат заглавените од снегот.

Хрватските медиуми пишуваат дека најмалку 25 возила се заглавени во снегот. Дел од нив не носеле зимска опрема па се излизгале од патот и дополнитлено направиле проблеми во сообраќајот.

Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) издаде црвено предупредување за подрачјата на Кварнер и Велебитскиот канал каде што и денеска се очекува снег и бура.

Утрово, според пишувањето на хрватските медиуми, сообраќајот во Далмација уште е во застој и се одвиваат активности за чистење на снегот.