Снежна стихија ги погоди Австрија и јужна Германија, хотел затрупан во Швајцарија

Рекордни колечства снег во четвртокот ноќта и натаму го пореметуваат нормалното секојдневно функционирање во големи делови од Австрија, Германија и Чешка, а метеоролозите за крајот од седмицата најавуваат нови врнежи.

Од минатиот викенд само во Австрија од врнежите предизвикани од големите количества снег, животите ги загубија седум лица. Во јужната сојузна германска покраина Баварија во четвртокот деветгодишник загина откако на него под тежината на снегот паднало дрво. Претходно во вторникот пензионер загинал по пад од покрив од кој сакал да го исчисти снегот. Горската служба за спасување во кругот Цел-ам-Зе спасила девет туристи од источна Европа, коишто и покрај предупредувањата од лавини, се движеле надвор од обележаните патеки.

Метеоролозите за Австрија само за петокот најавија нови снежни врнежи од половина метри нов снег. Најголем степен од опасност од лавини е прогласен во покраините Штаерска и Горна Австрија. Туристичката заедница бележи и намалување на краткорочните викенд резервации за 50 отсто.

Ноќта кон четвртокот стотици возачи со часови беа завеани на автопатиштата на југот од Германија. Според соопштението на полицијата, проблеми особено претставуваат товарните возила кои поради недоволна зимска опрема го блокираат сообраќајот и минувањето на возилата за чистење на снегот. Во Берштесгаден, југоисточно од Минхен, властите во четвртокот прогласија состојба на природна катастрофа. Во овој округ неколку места се отсечени од светот.

Снегот, покрај во Баварија, паднал и во делови од источногерманската сојузна покраина Саксонија. Во градот Кемниц градските власти на неодредени време ги запреа погребувањата на локалните гробишта, поради големите количества снег.

Во делови од Чешка, во околината на градот Јаблонец над Нисо, прогласена е вонредна состојба, а затоворен е и граничниот премин кон Полска во овој дел од земјата.

Швајцарските медиуми известуваат дека во четвртокот попладнето на планинскиот премин Шваегалп на надморска височина од околу 1.300 метри врз хотел се урнала 300 метри широка лавина, при што се повредени три лица. Делови од хотелот и возила се под масата снег, објави полицијата на кантонот Апенцел-Аузерходен. Итните служби и натаму се обидуваат да утврдат дали има исчезнати.