Спасувачките екипи во турскиот пристанишен град Измир пребаруваат низ урнатините на паднатите згради трагајќи по преживеани од силниот земјотрес што се случи вчера.
Бројот на жртвите од земјотресот, кој го погоди и грчкиот остров Самос, се искачи на 27, а има и над 800 повредени.
Операцијата за извлекување луѓе од урнатините во Измир е деликатна затоа што земјата ја погодија и стотици последователни потреси.
Американскиот геолошки институт (УСГС) соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,0 степени, но Турција го спуштила на 6,6 степени.
Плиткиот тремор предизвика бранови што ги погодија крајбрежните области и острови и во Турција и во Грција.
Дваесет и пет лица загинаа во Измир, на западот на Турција, соопштија властите. Девојче и момче загинаа во Самос кога се сруши ѕид врз нив.