Сноуден доби дозвола за постојан престој во Русија

Поранешниот вработен во американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, доби дозвола за постојан престој во Русија, соопшти неговиот адвокат Анатолиј Кучерена.

Сноуден оваа пролет побарал тригодишно продолжување на дозволата, која истече во април 2020 година, но постапката, според Кучерена, беше запрена поради пандемијата на коронавирус.

Сноуден (37) е обвинет за шпионажа и кражба на државен имот во САД за откривање на информации за разузнавачките служби и програмата за масовен надзор.

Сноуден живее во егзил во Москва, откако првично отпатува во Хонг Конг по неговото јавно објавување на класифицирани информации во 2013 година.

Руската влада му одобри азил и му ја продолжи дозволата за престој во 2017 година до 2020 година.