Со 81 пратеник Собранието донесе одлука за промена на Уставот

Собранието со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот.

Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

 

Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата, амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.

 

По прогласувањето на уставните амандмани, со 81 глас „за“ беше усвоен и Уставниот закон со кој се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.