Со „бентили“ налетале во возилото на Вучиќ, уапсени поради загрозување на безбедноста на претседателот

Во Белград се уапсени возачот на луксузен автомобил „бентли“ и неговите двајца совозачи откако предизвикале инцидент налетувајќи на конвојот возила во кој бил српскиот претседател Александар Вучиќ, објавуваат во неделата белградските медиуми кои добиле потврда од министерот за надворешни работи Небојша Стефановиќ.

На колоната службени возила под придружба, во којашто се наоѓал претседателот Александар Вучиќ, автомобилот налетал во саботата утрото на кружниот тек Топчидерска ѕвезда во Белград, а три лица се уапсени поради „загрозување на сигурноста на претседателот на државата“, пишува дневниот весник Политика.

Осомничените , според сознанијата на медиумите, веќе ѝ биле познати на полицијата поради различни кривични дела, а според неофицијалните информации, во крвта и урината на едниот од уапсените е утврдено присуство на кокаин. Одредено им е полициски задржување до 48 часа, а покрај кривичната пријава во понеделник ќе бидат сослушани во Вишото јавно обвинителство во Белград.

Според министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ „во овој момент постојат сериозни индиции или докази дека претседателот на Републиката бил цел на овој напад“. „Секако дека ќе биде истражен секој детаљ и во текот на истрагата ќе се дојде до сите релевантни факти за овој случај“, рекол Стефановиќ.

Сите тројца уапсени, според пишувањето на Политика, работеле како обезбедување во популарен белградски дискоклуб, а луксузниот автомобил го позајмиле од еден познат фудбалер. Неименуван соговорник на весникот вели дека уапсените „немале намера да ја нападнат колоната возила во којашто бил претседателот“.

Сепак, со кривичната пријава којашто е поднесена против сите тројца, осомничените се товарат за „најтежок облик на кривично дело загрозување на безбедноста за која е предвидена казна од една до осум години“, пренесуваат белградските медиуми.