Со четири милиони евра во интервентниот фонд ќе им се помага на земјоделците

Со 250 милиони денари во интерветниот фонд ќе им се помага на земјоделците да ги намалат производствените трошоци во услови кога се зголемени цените на репроматеријалите и намалени откупните цени. Програмата за интервентен фонд е усвоена денеска на владина седница, а се носи за првпат.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вечерва во изјава за медиумите појасни дека се работи за средства кои се надвор од Програмата за субвенции со што ќе им се помогне на земјоделците во оваа тешка економска криза со која се соочува целиот свет.

– Во овој тежок период, Владата и Министерството ги насочија сите ресурси кон справување со кризата. Продолжуваме со разовори со сите останати засегнати страни да ги решаваме проблемите и да наоѓаме пласман на земјоделските производи, рече Николовски.

Дел од средствата во интерветниот фонд се наменети за набавка на вештачко ѓубриво за производство на пченица и јачмен, а дел за одгледувачите на јагниња и свињи. Земјоделците ќе можат да аплицираат од 1 мај годинава, а исплатата ќе биде побрза, односно, според министерот Николовски, ќе треба да се реализира до 30 јуни годинава.

За набавка на вештачко ѓубриво за производство на пченица и јачмен предвидени се 120 милиони денари или околу два милиони евра.

– Според анализите што ги направивме во претходниот период, неопходно и најитно е потребно да дадеме поддршка во делот на набавката на вештачко ѓубриво. Земјоделците ќе добијат по два ипол илјади денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубрива за количини од најмалку 200 килограми по хектар, појасни Николовски.

Сточарите, пак, ќе добијат по 400 денари за предадено јагне во регистрирани кланици и по 1.500 денари за свињи. За оваа намена се очекува да бидат исплатени околу два милиони евра.

Во однос на залихите со пченица, пченка и јаглен, Николовски информираше дека има од 45 до 50 илјади тони пченица, околу 10 илјади тони пченка и околу 9 илјади тони јачмен. Додаде дека има зголемено производство и зголемени залихи кај млиновите.

– Будно ја следиме состојбата. Граѓаните треба да бидат спокојни, порача Николовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.