Со „CommonPass“ сертификатот ќе патуваме во САД и во Канада

Мобилната апликација за „CommonPass“ сертификат за патување во странство е достапна и може да се преземе од „Google Play Store“, соопшти Министерството за здравство.

Оттаму наведуваат дека со оваа апликација се потврдува вакциналниот статус на секој граѓанин, а најмногу се користи во САД и во Канада.

„Покрај патувањето и доказ за вакцинација со овој ‘CommonPass‘ граѓаните во овие земји можат непречено да се движат и да функционираат во услови кога има одредени рестрикции и забрани за невакцинираните“, наведено е во соопштението.

Таму е посочено и дека Министерството за здравство им нуди повеќе опции на вакцинираните граѓани за патување во странство, а освен националниот сертификат, сега тие имаат можност да патуваат во САД и во Канада.

„Веќе од следната недела ќе биде достапен и Зелениот пасош за патување во ЕУ. Министерството за здравство укажува дека независно од сите сертификати кои ќе бидат обезбедени за нашите граѓаните, секоја земја согласно епидемиолошката состојба има право да воведе дополнителни рестрикции за влез или движење во истата“, се вели во соопштението.