Со денови се без струја: Kатастрофална состојба на Македонците во областа Голо Брдо во Албанија

Македонското друштво „Илинден”- Тирана остро реагираше за состојбата создадена по обилните снежни врнежи, кои ги блокираа патиштата во Голо Брдо, каде Македонците беа, а дел се уште се без струја.

-Поради лошите временски услови, со обилни врнежи од снег, ветер и температури до 10 степени под нулата, Македонците во областа Голо Брдо деновиве се соочуваат со веќе познатите проблеми, завеани патишта и прекин во снабдувањето со електрична енергија. Дел од селата по неколку дена добија струја а  селото Пасинки веќе шести ден е без струја, стои во соопштението на друштвото.

На фотографијата што ја објавуваат се гледа дека се уште не се подигнати паднати бандери и неисчистен снег од патот.

Друштвото бара од албанските надлежни институции да „посветат поголемо внимание и грижа за Македонците во Голо Брдо кои се оставени на самите на себе”.

-Ги  повикуваме Владата и Општина Булќиза под итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо,  се наведува во соопштението потпишано од претседател друштвото Никола Ѓурѓај и на огранок за Голо Брдо, Фатри Фетаху.

Областа, која е една од најнеразвиените  во Албанија, без неопходна патна и друга инфраструктура се помасовно ја напуштаат жителите, пред се млади.

Во 22. населени места, до падот на тоталитарниот режим  живееле над 35 илјади лица, сега едвај 10 илјади, но бројот на резистентно население е далеку помал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.