Со Договорот со Бугарија, Заев создаде поголем проблем и ја доведе Македoнија пред нова блокада во ЕУ

Се поизвесно е дека Македонија се наоѓа пред нова блокада на патот кон ЕУ. Договорот со Бугарија потпишан во 2017 година, на Македонија и создаде поголем проблем наместо да ги реши проблемите и да ни донесе нов пријател и поддржувач како што тогаш викаше премиерот Зоран Заев.

Покрај заканите од страна на Бугарија дека нема да попуштат се додека не се прифатат нивните барања, сега официјално иста порака добивме и од страна на Европската унија, која ни порача дека неопходно е спроведување на Договорот.

Имено, по неуспешната посета на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Бугарија, на која беше порачано дека Бугарија нема да попушти, премиерот Заев и вицепремиерот Димитров се обидоа да ја испровоцираат ЕУ дека доколку Македонија биде повторно блокирана, унијата ќе докаже дека не е европска.

Одговорот од ЕУ беше експресен. Тие повикаа на поголеми напори, потенцирајќи дека добрососедските односи се во основата на проширувањето на ЕУ. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, иако не сакаше конкретно да ги коментира изјавите на Заев и Димитров, порача дека спроведувањето на двата договори со Грција и Бугарија се неопходни.

– Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија дадоа позитивен пример за регионот и пошироко. Важно е овие билатерални договори да продолжат да се спроведуваат. Ги охрабруваме обете страни да ги удвојат своите напори да најдат решение за отворените прашања, рече е Ана Писонеро, портпаролка на ЕК.

Бугарија смета дека Македонија со потпишување на Договорот се обврзала да ги исполни нивните барања. Оттаму порачаа дека доколку сакаме да бидеме дел од ЕУ обврзувачки се барањата од Меморандумот кој го доставија до ЕУ, како жалење поради наводно нашето неисполнување на Договорот од 2017 година.

Тоа значи дека услов за членството на Македонија во ЕУ е откажување од македонското малцинство во Бугарија, како и прифаќање дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот. Понатаму треба да се прифати дека македонскиот идентитет и јазик не постоеле се до 2 август 1944 година, односно, кога според нив, ги создал Тито за поткопување на бугарскиот идентитет.

Со ваквите барања на Бугарија паѓаат во вода сите изјави на премиерот Заев, дека со Договорот го загарантирал македонскиот идентитет, а јазикот станува признат од целиот свет.

Паѓаат и тврдењата дека Бугарија сега ни е пријател и голем поддржувач. Се што доби Македонија со тој Договор е негирање на сопственото постоење и сосед кој истиот договор ќе го користи секогаш кога нешто нема да му се допаѓа и уште полошо, секогаш кога власта во Бугарија ќе се чувствува загрозена на внатрешен политички план.