Со договорот со Грција Македонија испишува европска историја

Македонија испишува историја, не само национална туку и европска. Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што посокоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна денеска во Охрид државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот, кој се наоѓа во работна посета на Македонија.

Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока, истакна тој.

Државниот министер Рот на интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ одржана на Античкиот театар во Охрид во присуство на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, уште изрази задоволство што голем број Македонци живеат и работат во Германија, посочувајќи ги како значајен сегмент што придонесува во збогатувањето на германското општество, но и економијата.

Сакаме да го олесниме начинот на кој тие можат да дојдат и да работат во Германија, но сепак за тоа постои режим воспоставен во рамки на ЕУ и Шенгенската зона. Она што е наша интенција е сепак да се изнајдат начини за поедноставување на таа процедура, рече Рот, истовремено посочувајќи ја заинтересираноста на германските компании за инвестирање во Македонија, како начин за отварање нови работни места и севкупно подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, особено за помладите генерации.

Шефот на македонската дипломатија Димитров од своја страна истакна дека посетите на канцеларката Ангела Меркел, денешната посета на Рот, како и веќе најавените посети на неговиот германски колега, како и министерката за одбрана, се потврда на силниот интерес на Германија за Македонија конечно да застане на нозе и да зачекори напред.