Со една изјава Захариева е во трка за наградата „Тиква на годината“

Изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева за Тито е номинирана за наградата „Тиква на годината“.

Порталот Frog News ја споменува изјавата во која Захариева го спореди Јосип Броз Тито со Хитлер.

„Оние кои се доволно паметни да не се инволвираат во политика се казнети од фактот што тие се владеени од луѓе поглупави од нив самите. Авторот на оваа мисла, Платон, признава дека и самиот бил жртва на својот заклучок. Тој дури и бил принуден да го обучува Тиранинот на Сиракуза – Дионисиј Помладиот. Според древните ракописи, Платон умира во постела додека млада Тракијка му свири на флејта – благонаклонет гест на Судбината кон творецот на западната филозофија и воопшто науката“, пишува бугарскиот портал Фрог Њуз, објаснувајќи ги своите мотиви за воведување на наградата „Тиква на годината“, инспирирана од World Stupidity Awards, воведени во 2003 година од канадскиот фестивал на комедија Just for Laugs.

Порталот наведува дека и премиерот Бојко Борисов имал изјави кои би биле во конкуренција за оваа награда, но Захариева го надминала.