Инспекторите под лупа за поплаките на потрошувачите

Со грант од 1,3 милиони евра  од ИПА фондовите, Министерството за економија ќе ги подобрува правата на потрошувачите во земјава. 700.000 евра ќе бидат искористении за едукација на администрацијата во секторот на министерството што  е  одгововрна за заштита  на потрошувачите и за вработените во  Пазарниот инспекторат како директно повикан да одговара на жалбите и поплаките на потрошувачите.
Министерството ќе спроведе и проекти за  подигање на јавната свест за правата на потрошувачите, нивно континуирано информирање  за безбедноста на производите, како и усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ.

Останатиот дел од 630.000 евра ќе се искористи за зајакнување на невладиниот сектор и отворање можност за формирање на нови организации за заштита на потрошувачите.

 „Досега, во двогодишните програми за заштита на потрошувачите, средствата што беа предвидени за оваа намена беа премали за да може да се направи поголем исчекор во овој дел, односно во 2012 година беа издвоени 530.000 денари, во 2013 – 500.000 денари, а за оваа година 550.000 денари. Покрај тоа што за следната година ќе се обидам да овозможам барем тројно повеќе средства за потрошувачите и нивните права, сметам дека овој проект кој денеска го промовираме може да овозможи остварување на нашата цел, а тоа е воспоставување на функционални механизми за соработка со невладините организации, подготвени административни капацитети, како и создавање на силна правна рамка за заштита на потрошувачите“, посочи министерот за економија, Беким Незири.

 Извештаите од пазарната инспекција, покажуваат алармантни бројки кои укажуваат на тоа дека  не секогаш навремено се одговара на жалбите на потрошувачите. Од 4.000 стигнати поплаки  на адреса на Пазарниот инспекторат минатата година, уважени се само околу 1,5 отсто, а во првите шест месеци  годинава, позитивно е одговорено на 2 отсто од поплаките. За зголемување на  динамиката при решавање на овие проблеми, од денеска Пазарниот инспекторат наместо квартално, за жалбите на потрошувачите ќе треба да го известува Министерството за економија месечно.

„Ќе ја надгледуваме детално работата на Пазарниот инспекторат со цел се повеќе да се заштитат правата на потроршувачите. Ќе се направи и компарација на информациите од Организацијата на потрошувачи и Пазарниот инспекторат и таа компарација ќе ги издвои потенијалните неправилности во делот на жалбите на потрошувачите “, истакна Незири.

Министерството со реализирање на грантот, најави и поголема контрола врз институциите одговорни за заштита на потрошувачите. Доколку странките не се задоволни од одговорите од Пазарниот инспекторат, ќе можат да се обратат и во надлежниот сектор во Министертсвото за економија.