Со која цел и во кое својство Заев се среќава со вселенскиот патријарх Вартоломеј?

709

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, придружуван од неговиот партиски претседател во СДСМ, Зоран Заев, во понеделникот во Истанбул во седиштето на Цариградската патријаршија се сретна со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, извести владината служба за односи со јавноста.

Според соопштението за медиумите, средбата била остварена на покана од вселенскиот патријарх, којашто Заев ја добил додека беше премиер. Во соопштението нема поединости од разговорите, само се посочува дека средбата се одржала „во пријатна атмосфера, при што е изразена надеж дека и оваа година патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваат православниот свет и верниците“. Се додава, исто така, дека Спасовски го поканил Вартолемеј да ја посети Македонија.

Станува збор за невообичаена посета во предизборен период кога дипломатските активности се сведен на протоколарна комуникација. Покрај тоа, се поставува прашањето во кое својство Заев како партиски лидер учествува во делегацијата. Односно дали поканата била лично адресирана, што, пак, би го исклучила Спасовски како премиер и давањето државничко ниво на средбата. Исто така, кој ги покрил трошоците за патот и престојот на Зоран Заев?

Заев во мај 2018 година до Вселенскиот патријарх испрати писмо со кое побара помош околу конечно решавање на црковниот спор што постои од возобновување на Охридската архиепископија, кога и Синодот на Цариградската патријаршија почнал да го разгледува барањето за МПЦ-ОА.

Притоа треба да се потсети дека Вселенската патријаршија, под влијание на Атина и нејзините политики, попушти во ставот против признавање на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор со кој по желба на Грција беше сменето уставното име на Македонија.

Но, како што минатата година Московскиот патријарх Кирил во интервјуто за белградска „Политика“ забележа, Вселенската патријаршија може да го примени т.н. „украинското сценарио“ за признавање на автокефалноста и на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

А, мотивите за оваа посета на Цариградската патријаршија можеби се кријат во искажаната подготвеност на Заев, ако треба и да понуди мито за патријархот Вартоломеј за решавање на прашањето за автокефалноста на Македонската православна црква, кога во јули 2019 година беше убеден дека телефонски разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

„Имате одлични шанси. Денеска разговарав со патријархот Вертоломеј, и ги разгледавме сите заеднички работи, а ја, исто така, му го свртив вниманието на вашето прашања, и тој рече дека можеме да го започнеме процесот (…). Но морам да ве информирам за еден услов. Јас направив парична донација лично на патријархото Ватоломеј“, му рекле пранкерите на Заев. Во продолжение тие рекоа дека „исполнувањето на условите, меѓу другото, исто така, може да ви помогне“.

„Сумата, којашто ја посочив, всушност е попуст. Тој ми кажа дека ако донесам пријател, тогаш ќе направи попуст. Јас платив многи поголема сума, 150 илјади“, рекол лажниот Порошенко.

Како што следува од снимката, Заев се согласува наведувајќи дека „тоа е многу добро, нема проблем“. „Да. Добро, донацијата ќе биде направена во готовина.. Ние ќе ја направиме таа донација, зашто им е потребна поддршка. Така и ќе сториме“, додава во разговорот Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.