Со континуираното поскапување на горивата, Заев ги зголемува месечните трошоци на секое семејство

Кризниот данок којшто го воведува Зоран Заев за горивата и владејачката СДСМ од 4,13 денари директно им задира во џебот на граѓаните, истакна во неделата на прес-конференција Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека секое семејство поради континуираното зголемување на цените на горивата изминатите години во просек има зголемени трошоци за најмалку 600 денари со што се покриваат според него задолжувањата на државата и непродиктивните трошоци од страна на власта. 

„Лично Зоран Заев со своите наметнати давачки од почетокот на мандатот, до сега, давачките за литар гориво ги им зголемено за 14 денари по литар. Повторно ќе потенцирам, едно семејство со овие наметнати давачки за литар гориво директно од СДСМ месечно ако троши еден резервоар од 40-ина литра во својот автомобил, давачките се зголемени во просек за 600 денари по семејство. Македонските граѓани плаќаат енормно скапи горива, само за да го покријат задолжувањето и непродуктивните трошоци на оваа влада, а само во последната година бензините се кренаа од 50 денари по литар на 71,5 денари, а дизелот од 46 денари по литар на 63 денари и за сето ова лично е виновна владата, СДСМ и Зоран Заев. Ова треба да ги покрие непродуктивните трошења на СДСМ и целиот грабеж. Овој ценовен шок кој ни го приредуваат од власта ќе ги покачи сите давачки во превозниот сектор“, рече Арсовски.

Додаде дека транспортерите ќе бараат реално поскапување на билетите за патниот превоз и покачување на тарифите. Но, ќе се зголеми и цената и на другите давачки од транспортниот сектор, како и на производите.

Да бидеме реални, радиодифузната такса чинеше 190 денари, којашто ја укина Зоран Заев, а на сметка на тоа ги зголеми давачките за литар гориво за 14 денари изминатите години или во просек им наметна нови давачки на едно просечно семејство односно 600 денари секој месец“, додаде Арсовски.

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира тоа ова на секој можен начин, во Собранието, користејќи ги сите демократски начини и алатки.

„Ова не смее да мине. Не смее да се наметне уште еден трошок на граѓаните“, заклучи Арсовски.