Со масовниот одѕив на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните упатија јасна порака дека не сакаат политички попис

Во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ ја започна иницијативата за собирање на потписи за поништување на законот за попис на населението. Акцијата трае и во неделата на повеќе од 300 локации низ цела држава со почеток од 12 часот до 15 часот. Во саботата за само неколку часа 25.000 граѓани се потпишаа против пописот, на повеќе од 300 локации низ цела Македонија.

Граѓаните не прифаќаат фалсификат попис кој не е реален и не според европските стандарди. Но сепак и покрај собирањето потписи од страна на ВМРО-ДПМНЕ од владеачката партија СДСМ не се откажуваат и туркаат попис на сила.

„Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата. Пописот кој ќе се одржи оваа пролет, ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди и конечно, како држава ќе имаме целосни, прецизни и релевантни податоци кои ќе послужат за креирање на издржани долгорочни политики за развој“ вели, Снежана Калеска–Ванчева, пратеничка на СДСМ

Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека доколку барем малку Премиерот Зоран Заев има доблест по пораката која му ја испратија граѓаните со масовното потпишување би го повлекол законот за попис.

„Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. Народот јасно кажа дека не е предмет за политички поткусурувања. Народот не е на пазар за некој со него да подмирува сметки. Тоа што Заев го договорил како коалициски договор, нека најде друг начин да си го подмири. Пописот не смее да биде политичка, туку статистичка операција. Заев има можност да ја прифати подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ и да организира електронски попис. Само така ќе се добие реална слика за бројот на населението, густината, верската, етничката и друг вид на припадност. Со спроведување на електронски попис државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.