Со мобилни апарати од следната недела ќе се утврдува кој го загадува воздухот

Двата мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, ќе бидат ставени во фукнција следната недела, со што за првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот.

Министерот за здравство Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање на денешшната прес-конференција, појасни дека мобилните апарати ќе бидат поставувани на таканаречените жешки точки во Скопје, но и во другите градови.

„Апаратот, на пример, се поставува во една фабрика која се смета дека е голем загадувач и тој врши мерење во рок од 24 часа. Потоа се прави анализа на честиците и се гледа нивниот хемиски полнеж, односно може да се види дали содржат определени хемиски елементи кои се поврзани со она што го работи конкретната фабрика, односно нејзиното производство“, рече Тодоров.

На ваков начин, смета министерот за здравство, ќе се овозможи да се преземаат конкретни мерки за загадувачите кои стојат на располагање согласно законот, бидејќи, како што рече,  точно ќе се знае, а нема да се претпоставува, кој е причината за зголеменото загадување на воздухот.

„Со овие апарати се докажува врската помеѓу загадувачот и загаденоста, затоа што се поставува на местото каде што е изворот на загадување и може потоа да се утврди хемискиот полнеж на ПМ честичката 10 и 2,5 и да се утврди дали е резултат на загадувачот каде што е поставен апаратот“, рече Тодоров.

Додаде дека од вторник или среда кога ќе бидат испорачани апаратите веднаш ќе бидат ставени во функција и постојано ќе бидат вршени мерења, за да можат да се преземаат мерки кои стојат на располагање.

„Во овој дел казните се многу сериозни бидејќи станува збор за кривични дела извршении од оние кои несовесно се однесуваат и кои практично не трујат“, рече министерот за здравство.