Со ниту еден вработен 10 македонски фирми свртеле 270 милиони евра

Во Македонија во 2021 година имало 5.985 фирми со нула вработени, или за нив нема статистички податоци за вработени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од таму информираат дека ова се 8,2 проценти од активните деловни субјекти (72.922). Податоците покажуват и дека има тренд на намалување на вакви фирми, па во 2020 година ги имало 6.036, во 2019 година 7.565, во 2018 година 8.221…, пишува Пари.мк

Да се има фирма со нула вработени не е непозната работа во светот. На пример, веб-страницата Businessnes.com, која има за цел да им помогне на луѓето ширум светот да отворат свој бизнис, наведува 30 бизнис-идеи каде без вработени може да се заработи. Меѓу нив се: фотограф, сервис за автоматско перење на возила, социјални медиуми, изнајмување на недвижности, истражувачка агенција…

Познавачите објаснуваат дека кај нас фирми без вработени има од три причини. Има мали фирмички каде се јавува само управител кој и не е вработен, затоа што станува збор за мал бизнис, кој така му е најисплатлив. Има големи групации, па дури и меѓународни корпорации, кои во својата фирма-ќерка немаат потреба од вработени, односно доволен е управител, и има фирми кои практично и не функционираат, но сѐ уште не се избришани од Централниот регистар, и затоа се водат како фирми со нула вработени, или без податоци за вработените.

Но, во бројките на Државниот завод за статистика не се внесени тие фирми, односно направена е анализа на бројот на вработените само кај активните деловни субјекти. Но, секако, никаде во светот не е исклучено да постојат фирми со нула вработени затоа што тие фирми служат за поинакви цели, а не за деловно работење.

Во Македонија, во 2021 година, на долгата листа на компании со нула вработени имало приходи сѐ до над 100 милиони евра.

Порталот Пари ексклузивно ги прикажува 10-те најголеми компании по приход со нула вработени, според расположливите податоци на платформата БизнисМрежа.мк. Станува збор за компании кои сами известиле дека имаат нула вработени, или не ставиле податоци за бројот на вработените, но нивните биланси покажуваат дека немаат никаков расход за плати и придонеси за работници, што пак се сведува на тоа дека немаат вработени.

Нивните вкупни приходи се речиси 270 милиони евра! Сепак, поединечно остварувале мали добивки во однос на милионските приходи. Исклучок е „Каменимост комуникации“, која има речиси идентични приходи со добивката од речиси 13 милиони евра.

Лидер по приходи, а без вработени, како и во 2020 година, е компанија која се занимава со трговија на електрична енергија. Станува збор за АЛПИК ЕНЕРГИЈА СКОПЈЕ – лани свртела приход од над 104 милиони евра, за разлика од 2020 година, кога приходот на компанијата бил 22,6 милиони евра. Ланската добивка ѝ била одвај 5.600 евра, а година пред тоа само 4.000 евра.

Друштво за производство, трговија и услуги, АНЕРАС КОМПАНИ, направило вкупен приход од 49 милиони евра, а тоа му донело добивка од 158.000 евра.

Уште еден трговец со струја високо котира по приходи, а нема вработени. Станува збор за ХСЕ МАК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, кој има приход од 35,8 милиони евра и добивка од над 240.000 евра.

На списокот со нула вработени е и ВАБТЕК МЗТ АД Скопје, кој остварил приход од 24,5 милиони евра, но нема пријавено добивка. Токму оваа компанија летово преку билборди во Скопје бараше работници! Тие и изјавуваа дека им недостига стручен кадар.

ДУФЕРКО МК врши трговија со електрична енергија, но оваа компанија нема врска со Макстил, како што често се прави забуна во јавноста, а што е потврдено и од Макстил. Дуферко МК лани успеал да сврти 16,4 милиони евра и да направи добивка од 427.000 евра.

КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ е компанија околу која се „плетеа“ многу приказни во време на Маѓар телеком. Призма во една своја анализа уште од пред 6 години напиша: „Оваа компанија (Каменимост комуникации н.з.) за консултантски услуги е формирана во 2000 година за да ги хармонизира интересите на различните акционери во Македонски Телеком во тоа време ‒ Маѓар Телеком, американскиот фонд Сорос Инвестмент на милијардерот Џорџ Сорос, и грчки Космотелко, кои заедно поседуваа 51 % од акциите во Македонски Телеком. По извесен период, Сорос и Космотелко му ги продадоа своите акции во Каменимост комуникации на Маѓар Телеком, со што унгарската телекомуникациска компанија стана единствен акционер, односно сопственик на Каменимост комуникации. Со тоа, постоењето на оваа консултантска компанија се покажа како непотребно и влезе во фаза на ликвидација. Меѓутоа, со години потоа таа постојано котира на врвот меѓу најголемите и најпрофитабилните“.

Инаку, ако се наредат компаниите со нула вработени во табела по добивки, според ажурираните податоци на Бизнис мрежа.мк, токму КАМЕНИМОСТ КОМУНИКАЦИИ е прва по добивки.

Листата на најприходни компании е поинква од оние кои се најпрофитабилни. Според податоците на Бизнис мрежа.мк, најпрофитабилни биле: Каменимост комуникации, Магна Еуропе и Соравиа инвест.