Со нов апарат до брзи, прецизни операции без конци и крварење

103

Брзи, прецизни хируршки интервенции без употреба на конци и крварење овозможува апаратот за препарирање ткива што првпат е набавен на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија,пренесува МИА.

Овој т.н. генератор за фузионирање крвни садови, вреден 2,975 милиони денари, е веќе пуштен во употреба. Се користи при интервенции за хранопровод, бели дробови, дојка и тироидна жлезда. Мобилен е, што овозможува, кога е потребно, негово користење и на другите клиники.

„Станува збор за најсовремен апарат, вид златен стандард во васкуларната хирургија. Овозможува поголема безбедност при интервенциите преку минимизирање на евентуалните грешки и компликации. Досега со него се направени околу 50 зафати,“ рече министерот за здравство Никола Тодоров по денешната посета на Клиниката.

Тодоров информира дека се обезбедени и 20 нови аспиратори за Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) кои, исто така се веќе ставени во функција.

„Сега ќе може да се користи посебен аспиратор за секој пациент што ќе го елиминира ширењето на интрахоспитални инфекции,“ истакна министерот.

Вкупната вредност на опремата за двете клиники изнесува околу четири милиони денари.

Одоговорајќи на новинарско прашање, Тодоров информира дека е во тек набавката и на други најсовремени апарати, кревети, душеци,…, за потребите и за нов квалитет во здравството, што е инвестиција вредна 720 милиони денари или преку 11 милиони евра. Тука, рече, не се вклучени предвидените биохемиски реагенси што е набавка од дополнителни 10 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.