Со новите мерки во Србија, речиси сѐ се затвора во 21 часот

Србија од вторник воведува затворење од 21 часот навечер до 5 часот наутро, за сите услуги освен за аптеките, бензиските црпки и домашното доставување на храна, и таа мерка на сила ќе биде до 1-ви декември, соопшти во неделата премиерката Ана Брнабиќ по вонредната седница на нејзината влада.

„Ќе ги следиме промените и ефикасноста од овие мерки, а следната мерка би можела да биде забрана на движењето“, предупреди Брнабиќ на прес-конференцијата.

Додаде дека српската влада не е за воведувањето на мерката за забрана на движењето, но доколку биде неопходно, таа ќе биде донесена.

„Моето мислење е дека тоа нема да биде потребно во овие петнаесет дена, но доколку, не знам колку, драматично се влоши состојбата, ќе бидам отворена за сите предлози“, одговори српската премиерка на новинарско прашање.

На прашањето зошто се чекало бројките (на заразени и починати) толку да се зголемат, Брнабиќ одговори дека рекла оти се настојувало „да се изнајде рамнотежа меѓу здравствените мерки и одржувањето на стопанството“.

Илустрирајќи ги димензиите на пандемијата во Европа и во светот, Брнабиќ на прес-конференцијата рече дека некои европски земји од своите лекари и здравствени работници бараат да работат иако се заразени со коронавирусот, а на новинарско прашање кои се тие земји ги спомена Белгија и Германија, наведувајќи дека Белгија дури своите пациенти ги испраќа на лекување во Германија.

Брнабиќ рече дека ги „прифатила советите на Кризниот штаб“ за воведување дополнителни рестриктивни мерки за да се запре ширењето на коронавирусот, и дека поради тоа владата одлучила да го ограничи работното време на сите угостителски објекти, продавници и трговски центри, без да го ограничува стопанството и оние кои работат во третата смена кои и натаму ќе може да одат на работа.

Со новата владина уредба е ограничено и работното време на ноќните клубови кои претходните денови биле собиралишта на голем број луѓе, на што членовите на владиниот Кризен штаб предупрадуваа како на најголеми „расадници“ на инфекциите.

Почнувајќи од 17-ти ноември од 1-ви декември работното време на угостителските објекти, продавниците, трговските центри и другите малопродажни трговски објекти, театрите и кината, приредувачите на посебни и класични игри на среќа, освен работното време на аптеките, бензинските станици кога станува збор за продажбата на горива и угостителските и другите објекти за доставување храна, се ограничува така што овие објекти нема да работата од 21 часот навечер до 5 часот наутро следниот ден, се наведува во уредбата на српската влада.

Брнабиќ појасни дека училиштата нема да бидат затворени, бидејќи било оценето дека за тоа засега нема потреба, бидејќи има „само 39 заразени ученици, од кои 20 во Белград“.

Српската премиерка истакна дека „повеќе верува во свеста на поединецот, отколку во казнените политики“.

„Ова е борба којашто со сопствената одговорноста ја добиваме сите заедно, секој поединец и општеството во целина, или ја губиме“, рече Брнабиќ.

Притоа наведе дека државата нема доволно инспекции, комунални полицајци и други тела за контрола кои доследно би го спроведувале надзорот и би изрекувале казни, воведени со измените на Законот за здравствена заштита на населението.

Со измените на споменатиот закон воведени се казни за непочитување на епидемиолошките мерки од 40 евра за поединци, до околу 2.500 евра за правните лица каде нема да бидат почитувани епидемиолошките мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.