Со обдукција ќе се утврдува како починала старицата во Струмица

Телото на 83-годишната старица која вчера попладне беше пронајдена мртва во куќа на улицата „Димитар Цветинов“ во Струмица е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Куќата во која е пронајдено безживотното тело на старицата се уште ја обезбедува полицијата, а од ОЈО Струмица засега само потврдуваат дека е извршен увид и дека по завршувањето на обдукцијата ќе се знае дали се работи за насилна или природна смрт.

Соседите забележале дека вчера во куќата на старицата најпрвин дошло возило на Итната помош, а набргу потоа и полиција која го обезбедила местото и го забранила движењето по овој дел на улицата.

-Друго не забележавме. Ја познаваме починатата. Се работи за многу добра жена, а како починала не знаеме, велат соседите.

Инаку, како што информираа вчера од полицијата смртта на старицата била пријавена од страна на медицинските служби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.