Со пакетот мерки економијата отиде во рецесија, а малите фирми ставија клуч

Петти пакет мерки реалност или ПР маркетинг на Заев Петти пакет мерки релна помош или залудно потрошени пари? Досегашните четири пакет антикризни мерки од владата на граѓаните не им помогнаа реално на граѓаните. Бројката на над 50.000 невработени не се намали, македонската економија длабоко нaвлезе во рецесија, а помалите фирми полека но сигурно започнаа клуч да ставаат.

Пред неколку дена премиерот Зоран Заев најави нов пакет на мерки со кои ја уверуваше македонската јавност дека сега ќе биде поинаку, подобриот живот влегува на голема врата. Премиерот Зоран Заев на 24.12.2020 година на новинарско прашање за најавениот петти пакет мерки и неговата содржина, како и временскиот термин од кога тој ќе важи, одговори дека наскоро следува процес на консултации со синдикатите, претставниците на другите социјални партнери, стопанските комори и сите чинители, за да бидат највнимателно таргетирани потребните мерки. Тој подвлече дека државата има проектирано средства за оваа намена и во Буџетот за 2021 година. Премиерот Заев потсети дека досега со економски мерки се поддржани најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, а тоа се над 30 проценти компании заради поддршка на работните места и работниците преку плати, коишто се движат од 14.500 до 21.778 денари. Петтиот пакет антикризни мерки за спас на стопанството и граѓаните најверојатно ќе стигне следниот месец, кажа вчера на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши. Додека кризата се продлабочува, од Владата се уште ги чекаат предлозите од стопанските комори, по што ќе почнат со подготовка. Велат дека опфатени ќе бидат најпогодените сектори, но колку помош ќе добијат, министерот не знаеше да каже.

„Во моментов разговараме, не се точно дизајнирани мерките. Има различни предлози, но во рамки на можностите и буџетските средства определени за КОВИД програмата и секако, по состаноците со стопанските комори, ќе излеземе и заеднички ќе ги презентираме“, вчера на прес конференција рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Информацијата дека финишираат деталите за петтиот сет мерки на Владата за стопанството ја коментираше вчера лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

„Подготвувале петти пакет мерки, помош за стопанството. Ниту една реченица консултација со пратеници од опозицијата, стопанството чека средба. Нема реализација на капитални инвестиции, нема нови болници, нема компјутер за секој ученик, нема помош за земјоделците, но затоа има картички и ваучери. Избори се ближат, па треба да поткупуваат и крадат. Толку знаат и можат. Да не биде после лелекање по амбасади дека опозицијата блокира“, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.

Антикризните пакет мерки на владата за граѓаните не претставуваат ништо освен обична ПР машинерија со која владата единствено се фали. Досегашните пакет мерки беа премногу критикувани од невладиниот сектор, стопанскатта комора, и бизнис заедницата според нив мерките беа задоцнети, а реализацијата целосно потфрли.

Сојузот на стопанските комори во неколку наврати апелираше дека се потребни реални мерки кои ќе помогнта на бизнис секторот, а со предложените мерки никогаш претпријатијата нема вистински да застанат на нозете. Данела Арсовска, претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија во неомданешно гостување во една дебатна емисија посочи дека во нивните барања до владата побарале одложување на затезните камати и сите останати работи кои дополнително ќе ги оптоварат бизнисите и граѓаните коишто не се во можност сега да ги исполнат своите обврски. „

Тие практично се на некој начин казнети со камати за нешто за кое што не се во можност да го плаќаат, за истото требаше да им се излезе во пресрет“, вели Арсовска. Неуспешноста на мерките можеше да се воочи кога газдите на одредени фирми не ги исплаќаа платите на работниците туку парите си ги оставаа за себе. Уште една од поголемите аномалии беше со картичките „Купувај домашно“ кога граѓаните во ек на пандемија беа приморани да чекаат со часови пред банките за картички од 6.000 денари. А, со тоа чекање пред банките само се добиваше нов кластер на заболени од КОВИД-19.