Со парите од Видал ќе се купат Кандрева и Шакири

Раководните лица на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, полека но сигурно се соочуваат со суровата реалност дека во новата клупска сезона новиот тренер, Масимилиано Алегри, нема да може да смета на услугите на чилеанскиот интернационалец, Артуро Видал.

Од ден на ден се погласни и погласни се шпекулациите дека одличниот играч за врска ќе биде продаден на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, а од продажбата на Видал, “старата дама” очекува заработувачка не помала од 50 мил. евра.

Заработената парична сума, челниците на Јувентус ќе ја искористат за да ангажираат две квалитетни засилувања.
Првата понуда која нема да биде помала од 30 мил. евра ќе биде испратена до стандардниот првотимец во дресот на Лацио, Антонио Кандрева, а околу 20 мил. евра, Јувентус ќе понуди за швајцарскиот интернационалец од редовите на Баерн (М), Џердан Шакири.