Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на ТВ интервју за Телевизија Шења истакна дека наместо да се бориме за вредности, за ЕУ перспектива, ние добивме битка во која што ќе се одлучува за политичката иднина на Зоран Заев, а со потези како „мало сутра“ ние не можеме да одиме во Европа.
-Најголем проблем е што Европската интеграција во Македонија се претвори во битка за политички опстанок на Зоран Заев, наместо ние сега да зборуваме за вредности, да зборуваме за реформи, за нула толеранција за криминалот и корупцијата, ние зборуваме добро е Македонија не доби датум, Зоран Заев ќе си поднесе оставка и ќе имаме предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски.
Тој истакна дека не може Заев да оди да коленичи во Брисел, а тука на шверцерски начин, со европско знаменце по скратена постапка да носи закон за марихуаната, и на тој начин да го фаворизира бизнисот на неговото семејство или на луѓе блиски до неговото семејство, тоа некој го гледа и го бележи.
-Никој денеска не зборува за арамилукот, за криминалот и корупцијата, за Рекетот, за плантажите со марихуана, никој не зборува за криминалните тендери во здравството. Не може да продолжи кариерата на Зоран Заев, а сето ова да се заборави, вели Мицкоски.
Тој исто така посочи дека европските институции го следат менаџирањето, некој ги евидентира корупцијата и криминалот, како функционира правосудството, како се однесуваме спрема медиумите, и вели дека ние не сме подготвени да добиеме датум за почеток на преговори и тоа е системска грешка, а ние друга иднина освен европската немаме.