Вечерва, на 16 септември, четврток, под отворено небо во битолското Пацио со премиера на македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума ќе биде отворено 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“.
Ова е првпат во историјата на „Манаки“, Фестивалот да не се одржува во Центарот за култура туку во Завод и музеј Битола, поради пандемијата со ковид-19. Оваа година Фестивалот се одржува во скратена верзија и ќе трае до 21 септември, а мотото на годинешното издание на „Браќа Манаки“ е „И покрај се“.
Австрискиот кинематографер Кристијан Бергер и рускиот режисер Андреј Кончаловски се годинашни лауреати на „Браќа Манаки“ кои вечерва ќе ги добијат наградите. Бергер, кинематограферот на Михаел Ханеке, еден од најголемите австриски и светски режисери, ќе ја добие Златната камера за животно дело. Тој веќе пристигна во Битола, додека Кончаловски, еден од најголемите руски режисери, поради возраста одлучил да не патува во овие услови. Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов, е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ).
Битола овие денови ќе гледа филм, ќе дише филм, ќе раскажува филм, ќе живее филм, ќе пее филм.
На црвениот килим ќе поминат годинешните учесници и гости на фестивалот, ѕвездите-лауреати на фестивалските награди: Кристијан Бергер, Џослин Пук, Бајрам Северџан, кои веќе пристигнаа во Битола, членовите на жирито Филип Бергсон, Вим Ванакер, Суки Меденчевиќ, Соња Просенц, Димо Попов, бројни филмски работници, претставници на дипломатскиот кор и претседателот, Стево Пендаровски.
Ова издание на љубителите на филмската уметност ќе им понуди одлични десет долгометражни и десет кратки филмови, кои ги селектираа Слаѓан Пенев и Даријан Пејовски, ќе се одржат работилници со Кристијан Бергер, Џослин Пук и Грег Малканџи, но паралено со оваа програма, богатство од настани нуди и оф-програмата која почна со проектот „Наследниците на Манаки“, под менторство на Марија Џиџева, па продолжи со „Мети си со класнето“, а следуваат проектите „Живи слики“, изведба на филмска музика на Широк сокак, пантомима перформанс, изложба на колекционерски винили и ЦД-а…