Со продажбата на трофеите Борис Бекер собра 765.000 евра за долговите

98

Со ауциската продажба на трофеите и сувенирите поранешниот тениски рекет број еден Германецот Борис Бекер собра 765.000 евра и со оваа сума ќе врати дел од долговите, објави во четвртокот комесарот за продажба на имотот на поранешната ѕвезда.

На онлајн наддавањето беа понудени 82 предмети, медали, пехари, рекети, часовници, фотографии и други лични предмети, па дури и чорапи кои беа проценети на 200.000 фунти, а беа продадени за 687.000 фунти. Во продажбата којашто започна на 27-ми јуни и заврши во четвртокот, учествувале 495 лица од 32 земји во светот.

Најмногу, или 167.000 евра се понудени за репликата на сребрениот пехар на Тифани од Отвореното првенство на САД за победата во 1989 година над Чехот Иван Лендл, наведе лондонската филијала на „Smith& Williamson“, задолжена за продажбата.

Според претставникот на куќата, Марк Форд, долговите на Бекер би можеле да изнесуваат дури 50 милиони фунти.

Бекер, кој во кариерата освои шест гренслем турнири, беше принуден да прогласи банкрот во 2017 година. Аукцијата за продажба на неговите работи беше организирана и закажана и претходно, но беше одложена бидејќи тој во судска постапка се повика на дипломатски имунитет како аташе за спорт и за култура на Централноафриканската Република.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.