Со ребалансот ќе се скратат 100 милиони евра непродуктивни трошоци, уверува Ковачевски

Со ребалансот на Буџетот ќе бидат дополнително скратени уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Ова денеска на својот фејсбук профил го објави премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, се разгледуваат и сите опции за покривање на дефицитот.

„Во моментов работиме на ребаланс на Буџетот, кој ќе опфати дополнително кратење на уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Се разгледуваат и сите опции за покривање на дефицитот. Сите разговори што се водат сè со цел да се обезбедат финансиски средства со најниска можна цена на капиталот на пазарот во овие услови“, напиша Ковачевски.

Ребалансот на Буџетот, како што изјави тој пред неколку дена, ќе биде поднесен во Собранието најверојатно до крајот на овој месец.