Врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамнеи изјави во саботата дека луѓето кои ја сквернават свeтата муслиманска кнiга Куранот треба да се соочат со „најтешки казни“, како и дека Шведска чии судови даваат дозвола за таквите инциденти и не ги казнува одговорните „тргнала во битка против муслиманскиот свет“.
Демонстранти во Шведска шутираа распарталувајќи примерок од Куранот во четвртокот пред ирачката амбасада во Стокхолм, но не го запалија како што се закануваа.
Тоа беше третиот таков инцидент во шведската престолнина од почетокот на годинава, по оној со кинењето, сквернавење и на крајот палењето на Куранот на првиот ден од големиот муслимански празник Курбан бајрам пред централната џамија во Стокхолм, и по оној од почетокот на јануари годинава кога таков настан, исто така, со судско одобрение изведе данско-шведски екстремен краен десничар.
Неколку стотини демонстранти во четвртокот утрото упаднаа во шведската амбасада во центарот на Багдад и подметнаа пожар во знак на протест поради најавениот настан за подоцна истиот ден во Стокхолм, како и за дозволите во двата случаи претходно годинава што ги издадоа шведските судови и полицијата за спалување на Куранот.
Шведската влада го осуди последниот инцидент во Стокхолм, но посочи дека не можат да интервенираат поради законите за слобода на говорот и изразувањето.
Иранските државни медиуми известија дека ајатолахот Хамнеи побарал од Шведска одговорните за инцидентите да им ги предадат на исламските земји.
„Сите исламски учени луѓе се согласуваат дека оние коишто го сквернават Куранот заслужуваат најтешка казна. Должноста на шведската влада е да ги предаде сторителите на правосудните системи на исламските земји“, го цитираат медиумите ајатолахот Хамнеи.
Официјален Техеран, кој го суспендираше на неодредено време именувањето на нов ирански амбасадор во Шведска, исто така, рече дека не прифаќа нов шведски амбасадор.
„Шведската влада треба да знае дека со поддршката на злосторникот кој го запали Светиот Куран, влезе во битка против муслиманскиот свет. Тие создадоа чувства на омраза и непријателство кон нив во сите муслимански народи и многу од нивните влади“, објави Хамнеи подоцна на Twitter.
Засега шведската влада не ги коментираше изјавите на ајатолахот по барање на медиумите.