Со солзи во очите за Тито, правец во НАТО!!!

страшо ангеловски

Од денес, со најавеното незаконско распишување Референдум, со незаконски поставено прашање, ќе започне сезоната на лагите. Лагите за НАТО, за неговото постоење, за потребата од него, за „придобивките“ од зачленувањето, за обврската за зачленување за да се стаса до ЕУ… лаги, лаги, лаги…

Но, да одиме по ред.

1. Лага за потребата и ширењето на НАТО

На почетокот на девеесеттите години од минатиот век, кога се распаднаа „достигнувањата“ од комунизмот и се растури Варшавскиот пакт, како закана од зад железната завеса, заврши потребата од постоењето на воената НАТО организација, како средство за одбрана од комунистичката агресија. Агресија, која освен во главите на воените стратези од САД, желни за воена доминација во светот, постоеше уште само во холивудската пропаганда со стотици снимени филмови каде што американските „суперхерои“ го спасуваат светот од нуклеарната закана на „клетите Руси“. За потоа, иако според потпишаното, меѓу НАТО и тогашниот СССР, беше договорено Алијансата да остане во тогашните граници, со држави членки кои дотогаш ја сочинуваа и дека нема да се шири кон границите на тогашниот СССР, а денешната Руска Федерација. „Холивудските суперхерои кои го спасуваат светот“, лажливи како што секогаш биле, поитаа надвор од тој договор, со стап или со морков, да ги втеруваат во НАТО државите потребни да се затвори прстенот околу Руската Федерација и да се стигне на нејзините граници.

Како поинаку да се толкува неодложната потреба малата Македонија,со воен потенцијал рамен на нула, по секоја цена да биде втурната во НАТО, а не, на пример, еден Бразил или Аргентина, воено далеку помоќни. Нивната среќа, или несреќа, е што се наоѓаат десеттина илјади километри од Русија.

2. СДСМ и лагите за НАТО

Партијата која себе си се декларира за наследник на Комунистичката партија на Југославија/Македонија, која, меѓу другото, на таа основа се стекна со огромен недвижен имот, која во деновите на осамостојувањето на македонската држава, не’ убедуваше дека за Република Македонија и македонскиот народ нема друга алтернатива освен најитно да се качиме на возот за Белград. Партија која беше дел од „комунистичката закана“ за западните демократии, а која по секоја цена сакаше да ја задржи Република Македонија во новозамислената творба на Слободан Милошевиќ, на човекот кој нецела деценија потоа војуваше токму со денешните господари на СДСМ. Партијата која пред само неколку дена враќајќи ги зборовите на Тито на старата железничка станица, уште еднаш потврди дека останува верна на комунизмот.

Денес не’ убедува, со сите лаги кои и стојат на располагање, дека за македонскиот народ и Република Македонија, нема друга алтернатива освен влезот во НАТО.

Партијата и луѓето во неа, кои 45 години владееја како идеолози на комунизмот пропагиран од Москва, кои затвараа и убиваа за таа идеологија, денес практикуваат власт изградена на измислен антикомунизам и русофобија. Безалтернативни платеници, за кои единствена алтернатива се парите и привилегиите.

„Со солзи во очите за Тито, правец во НАТО!!!“ е безалтернативниот слоган на овие безалтернативни безрбетници.

3. ВМРО ДПМНЕ и лагите за НАТО

Точно е дека ВМРО ДПМНЕ на почетокот на девеесеттите години од минатиот век, во времето на македонското осамостојување, донесе партиски конгресни документи, кои подоцна се преточија и во собраниски резолуции, за потребата од членство во НАТО.

Но, точно е и дека таа потреба се јавуваше од две причини, актуелни во дадениот миг. Прво, во напливот на ентузијазам од изградбата на ново, слободно општество, оттргнато од прангите на комунизмот, се’ што како вредност доаѓаше од „слободните западни демократии“ изгледаше привлечно и пожелно како оружје во бегството од дотогашната диктатура. И, второ, во тогашна Република Македонија, во која се’ уште беше стационирана ЈНА на Слободан Милошевиќ (идолот на СДСМ), се чувствуваше потреба од моќен „демократски“ сојузник како гарант на процесот на осамостојување. Во такви услови, наспроти заложбата на МААК за демилитаризација и неутралност на македонската држава, актуелна и денес, ВМРО ДПМНЕ се заложи за влез во НАТО.

Партијата, за жал, низ годините што следеа, низ сите осознавања за вистинските вредности и вистинската улога на НАТО, не најде сили да изврши конгресна ревизија на својот став за безалтернативен влез во воената организација. Па така, на денешново раководство му е оставен во наследство конгресен мираз, создаден во едни специфични романтичарски услови. Услови кои повеќе не постојат и кои не смее да го определуваат денешниот став за НАТО.

На крај, наспроти лагите, неколку вистини за НАТО.

1. Вистина е дека ќе мораме од и онака сиромашната живеачка, да издвојуваме средства за пенкалото и фотелјата во НАТО.
2. Вистина е дека ќе мораме да се вооружиме според НАТО стандардите. Тоа ќе рече, со оружје купено од земјите членки на НАТО, преку кредити од земјите членки на НАТО, а кои кредити ќе ги враќаат нашите деца.
3. Вистина е дека со самото зачленување, токму НАТО ќе биде тој кој ќе ги определува нашите непријатели. Колку за пример, доколку НАТО уште еднаш процени дека Србија е негов непријател и реши да ја нападне, нашите деца, па и оние од мешани бракови, ќе бидат испратени да војуваат таму.
4. Вистина е дека НАТО не обединува поделени држави, пример Кипар, па не е ниту гарант за внатрешно единство.
5. Вистина е дека НАТО не носи внатрешна безбедност, бидејќи токму земјите членки на НАТО се најзасегнати од терористички акции кои се случуваат на нивно тло.
6. Вистина е дека членството во НАТО не е услов за членство во ЕУ. Колку за пример, Турција е една од најстарите членки на НАТО, а патот до ЕУ и’ е постојано блокиран, додека Србија, без членство во НАТО, ги отвори преговорите за членство во ЕУ.
7. Вистина е…

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес