Со странските инвестиции ќе се зголеми стандардот на граѓаните и квалитетот на живот

Најавените инфраструктурни инвестиции, очекувањата за нови странски вложувања како и повеќето социјални мерки несомнено треба да ја сменат домашната економска слика, согласни се економистите. Во годината што следува, а и тие по неа, меѓународните институции очекуваат позабрзан економски раст во земјата, зголемување на стандардот на граѓаните и на квалитетот на животот, пишува еВести.
Дел од аналитичарите за еВести велат дека исклучително е важно да се реализираат најавените инвестиции во патишта, а доколку се зголеми нивото на странски инвестиции, за што веќе има реални најави тогаш несомнено треба да се очекува и намалување на невработеноста, процес што веќе почна. Се тврди дека во овој моментум е значајно што, иако го чинат државниот буџет Владата наоѓа начин да одвои за социјалните случаи, но и да носи нови социјални мерки со кои решава долгогодишни проблеми на поголем број граѓани.

Месецов Владата одлучи по 7.000 денари да добиваат околу 3.000 стечајни работници, со посебен закон ќе се обезбеди државна работа за професионалните војници над 45 години, а минималната плата во следниот период ќе се зголеми на 10.800 денари, ниво највисоко досега.

„Најновото зголемување на минималната плата ќе овозможи подигнување на животниот стандард на работниците и граѓаните во РМ и конкретен чекор во справување со последиците од светската, финансиска, економска и должничка криза и можност која го обезбедува следењето на порастот на животните трошоци со кои се соочуваат вработените и граѓаните во Македонија. Со покачувањето на минималецот во 2016 година минималната плата ќе биде повисока за 25,22 проценти од сегашно утврдената, а зголемувањето во дејностите каде што има одложено исплаќење, односно грејс период, до 2018, 46,96 отсто. Самиот факт што со овие мерки ќе бидат опфатени од 60-65.000 работници доволно зборува за значењето на оваа мерка,“ изјави Живко Митревски, претседателот на Сојузот на синдикати за економски.мк.

Експертите велат дека со зголемувањето на минималнат аплата секако ќе се влијае на економскиот раст. Тврдат дека освен ова, на зголемување на потрошувачката а со тоа на забрзување на растот ќе влјаат и најавеното зголемување на платите во администрацијата и на пензиите.

„Ке се зголеми понудата на работна сила што ке го намали јазот на понудата и побарувачката во земјата, затоа што намалени придонеси и давачки од една страна и зголемени плати од друга страна ја зголемуваат заинтересираноста на луѓето да бараат работа,“ вели професорот Томе Неновски и додава:

„Има еден момент кој не смееме да го изоставиме кога зборуваме за економски очекувања, а тоа што сега сме сведоци дека се реши долгогодишниот проблем на стечајците, тој што се провлекува по болната транзиција, ќе има работа и за професионалните војници. Ова е социјален аспект на економијата и е исклучително важен за ранлива економија, по економска криза. Многу земји, посилни европски економии не успеваат да сторат ни приближно слични мерки. Да не заборавиме дека во криза се решаваат проблеми кои траат со години, а плус има најави за зголемување на социјалната помош пензиите и платите, додаваат економисти.“

Според нив невработеноста останува клучен предизвик за економијата но се оптимисти дека ситуацијата ќе се смени. Велат дека иако најголемиот вработувач во следниот период мора да се приватните компании, особено рабодавачи од новоотворени компании добро е што има државен план со кој се помага самовработувањето. Само годинава со изработениот оперативен план треба да се вработат 4.000 луѓе.

Од Владата велат дека значајно е што и во услови на криза смогнале сили и годинава да ги зголемат пензиите и плаите на вработените во администрацијата, но и да ја наголемат социјалната помош.

Од март гоиднава за пет проценти се зголемуваат пензиите, а за толку и социјалната помош за корисниците од истиот месец. Од септември пак за пет проценти ќе пораснат платите на вработените во државната администрација. Сепак аналитичарите не отстапуваат од тоа дека за поголем економски раст мор ада се реализираат најавените инфраструктурни инвестиции и да се зголеми нивото на странски инвестиции. Оптимитси се оти практично, за прв пат во историјата повеќе странски познати компании одлучија да вложуваат овде. Последна е најавата на американската компанија амфенол која во Кочани планира да вработи 1.500 луѓе. Џонсон контролс отвори нова фабрика каде ќе ангажира 1.400 луѓе, а Суташ планира да гради уште една фарма и да го удвои бројот на вработени.

Неодамна Европската банка за обнова и развој предвиде раст на македонската економија за три отсто годинава притоа нагоре корегирајќи ја претходната проекција.

„Земјата продолжува да прави силни напори за да ги привлече неопходните странски директни инвестиции. Овие напори треба да и помогнат во изгледите за пораст на економијата во наредните години. Растот ќе остане силен, околу 3% во 2014 година, како последица на очекуваниот раст на извозот, како и на порастот на домашната потрошувачка и на инвестициите,“ стои во оценката на ЕБОР.