Поради пандемијата на коронавирус, градинките беа затворени шест месеци, а денеска повторно ги отворија вратите за децата.
Просториите се исчистени и дезинфицирани, приборот за јадење е нов и чист, а исто така и играчките кои што ги поседуваат се дезинфицирани.
Нема прием без мерење на температура, дезинфекција на раце и лекарска потврда дека детето е здраво.
Сите вработени се со маски, а во групите е дозволено најмногу 6 деца во помалите и максимум 15 во поголемите групи согласно протоколите од Комисијата за заразни болести.
Според протоколите кои што ги донесе Владата, просториите редовно ќе бидат проветрувани, а дезинфекцијата на предметите ќе биде редовна и ќе се прави на секои два часа.
На влезните врати од градинките денеска се мерело и температура, а родителите од децата биле распоредени на растојание од два метра и ги пополнувале документите за прием на нивните деца во градинка.
Децата во градинките ќе мора да ги носи само еден родител, којшто на себе задолжително треба да носи заштитна маска.
Според протоколите, строги правила мора да се почитуваат и во однос на храната која што се подготвува за децата.
Ќе се врши секојдневна дезинфекција и на превозните средства со кои што се дистрибуира храна од главната кујна до останатите објекти, а лицата кои што ја доставуваат храната ќе мора да носат заштитна маска и ракавици, а храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.
Секоја градинка мора да обезбеди доволна количина заштитна опрема за лична хигиена: маски и ракавици за вработените, средства за одржување лична хигиена, а задолжително треба да има и безконтактен термометар за мерење телесна температура.
Од Министерството за здравство посочија дека престојот на децата треба да биде организиран на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории – согласно со можностите на градинката, а игрите се препорачува да се организираат на отворено.
Министерката за труд и социјална политика утрово информираше дека отворањето на градинките поминало добро:
„Протоколот предвидува ограничен број на дечиња од група, посебен режим на исхрана, како ќе се одвива одморот, спиењето, играњето на децата во градинките. Апелот е повеќе настава на отворено. Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат“ – изјави министерката Шахпаска.