Вкупно 1.670 невработени лица се опфатени со три мерки на Владата за намалување на невработеноста, а за таа намена се одвоени 44 милиони и 430 илјади денари, истакна денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на работната средба со генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска Банка, Диомидис Николетопулос и претставници на банката.
“Секако, во подобрување на состојбата на пазарот на труд, имаме поддршка и од приватниот сектор кој што не само што активно партиципира во спроведувањето на мерките и политиките за поттикнување на вработувањето, туку имаат и повеќекратни придобивки од самите мерки. Токму затоа, во оваа прилика би се заблагодарил на Стопанска банка која се вклучи во Програмата за практиканство. На овој начин, се придонесува за зголемување на вработливоста кај младите невработени лица, со што превентивно се делува и се овозможува тие подготвени да се вклучат на пазарот на трудот. Ова е всушност и целта на Програмата за практиканство за која веќе е распишан оглас со кој што ќе се обезбеди поддршка за евидентирани невработени лица до 29 годишна возраст, за истите да се стекнат со одредени практични знаења и вештини. Годинава, со оваа програма се планира да бидат опфатени 319 лица и за таа цел се обезбедени средства во висина од 5.150.000,00 денари”, рече министерот Спасов.
Со Програмата за практиканство се планира да бидат опфатени млади невработени лица до 29 годишна возраст (активни баратели на работа) кои имаат завршено најмалку средно образование, преку нивно вклучување во програми за практиканство за период од три месеци. За спроведување на оваа програма, ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Спасов информираше и за Програмата Обука кај познат работодавач којашто има за цел на евидентираните невработени лица да им се обезбеди определено ниво на знаења и вештини за работодавач, кој има утврдено определени потреби за работни места. Со обуката се овозможува стекнување и дополнување на знаењата и вештини на евидентираните невработени лица заради нивно полесно вработување. Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија планираат во 2014 година да се опфатат 1125 лица. Средствата за оваа намена се во висина од 22.580.000 денари.
“Со обуката ќе се опфатат невработени лица со основно и средно образование и вештини блиски на потребите на работодавачот. Подготовката за вработување трае до три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од 6 месеци. Висината на паричната помош на невработено лице, односно работникот вклучен во подготовката изнесува 5,700.00 денари месечно плус надоместување на трошоците на работодавачот за менторство и обука”, информираше министерот Спасов.
Воедно, министерот Спасов упати апел до сите работодавачи “да ги следат позитивните примери и сите заеднички да придонесеме за подобрување на состојбата со пазарот на труд, но и да сите невработени да се вклучат во активните мерки преку кој побрзо ќе дојдат до вработување”.
Покрај огласите за Програмата за практикаство и Програмата Обука кај познат работодавач, објавен е оглас и за мерката Обука за задоволување на побараните занимања на пазарот на труд.
На крај, Спасов се осврна на успешноста на активните програми и мерките.
“Имено, во мерката Обука кај познат работодавач учествувале 7278 лица, а се постигнати 6591 вработување. Во мерката Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот учествувале 1036, а се вработиле 491 лице, и во мерката практиканство учествувале 1295, а е вработиле 759 лица. Додека пак само за овие три мерки за 2014 година обезбедени се 44.430.000 денари, а планирано е да се опфатат 1670 невработени лица кои полесно ќе дојдат до работа”, заврши Спасов.