Колумна на професорката Гордана Силјановска-Давкова, за Експрес.мк
Пред многу години, в раце ми падна книгата на Дучо Кранго „550 дни во ќелијата на смртта“, лично сведоштво на авторот за ужасното време поминато во бугарскиот затвор на Калето, отаде Врадар, за време на четиригодишната фашистичка окупација (1941-1944).
Во него влегле многу македонски револуционери, но малкумина излегле. Злогласната ќелија број 15 била претсмртниот привремен „дом“ на политичките затвореници, осудени на смрт, меѓу кои и Благоја Давков-Давката, за кој сакам да пишувам во овој текст, роден на 21 јануари 1921 година, обесен на 21 јануари 1943, на својот 22 роденден.
Од тој ден до смртта, мајка му, Родна, не ја соблекуваше црната облека и не ја вадеше црната шамија од главата.
За многуте убиства во затворот на Кале, меѓу кои и она на Благој, но и за неговата личност, пишува Дучо Кранго, кој имал ретка среќа да го преживее бугарскиот окупаторски режим и затворски пекол и да раскажува за Васил Антевски-Дрен, Мирче Мацан, Периша Савелиќ, Абдуш Абдураман и многу, многу други познати и непознати борци.
Од книгата дознаваме за 27 април, 1942 , прекрасен пролетен ден, кога скопските багреми опивале со опојниот мирис, зеленилото ги одморало очите, а пролетната свежина ги милувала лицата на дваесет и седум затвореници, кои , со пранги на нозете, одвај чекореле по калдрмата на улицата што води кон Калето, опкружени од десетици бугарски војници, полицајци и агенти, но и од шпалир на нивни роднини и пријатели, кренати на прсти за да ги видат, можеби за последен пат, своите сакани, меѓу кои секогаш биле расплаканите мајки и сестри. Судењето се одвивало во салата – судница во касарната и почнувало со земање генералии. Задолжително било прашањето: „ Што си“, а на одговорот „ Македонец“, следувало: „ Не си Македонец, туку Бугарин“. На 9 мај биле донесени пресудите.
Деветнаесетмина биле осудени на смрт со бесење. Смртна пресуда, во отсуство, му била изречена и на Благој Давков-Давката.
На крајот од судењето, пишува Дучо, окупаторите биле шокирани од бестрашниот заеднички збор на Васил Антевски-Дрен, адвокат од Скопје: „Тркалото на историјата се движи, – рекол тој, – сега ние сме затворени и осудени и вие ни судите. Но, брзо ќе дојде денот кога вие ќе бидете затворени , а ние ќе ви судиме, ние партизанитите, што
од дното на душата ве мразиме…“.
Дучо опишува дека „додека со вкаменет поглед го гледал Претседателот на Воениот суд со светлобелиот прекршен крст со кој, фирерот го одликувал за верно служење, си мислел: „Зарем не е жално човек да биде обесен на 21 година, без никаква вина, за нешто природно и логично? Убеденоста во исправноста на нивната борба им давала невидена СИЛА. Така, штом тргнале кон затворот, Дучо, како познат песнопоец, на цел глас ја запеал „Интернационалата“, а другите веднаш му се придружиле, небаре славеле некој убав настан!
Бесењата, раскажува Дучо, главно се случувале ноќе, а осудените на смрт, чекајќи го сопственото бесење, „умирале“ со сите околу чиј врат се стегала бесилката, напрегајќи се да ги чујат нивните последни зборови пред смртта: „Да живее слободна Македонија, да живее Комунистичката партија“… Најтешко им паѓало кога ќе бил обесен некој што
го познавале, со кој се идентификувале, кого го почитувале, оти со нив ја идентификувале револуцијата. Како сведоци на убиствата на Перо Наков, Благој Давков, Герасим Цунов, Јован Басаров со ноќи и ноќи не спиеле, одбивале храна,
тагувале, плачеле, офкале, паѓале со духот и се кревале.
Кој бил Благоја за Дучо? Вели дека Давката (партизанско име, заб. моја) бил умен, искрен, храбар, начитан млад револуционер, гордост за металците, познат како организатор на штрајкот во фабриката „Папатеодоси“, заедно со д-р Боте Ботевски, Мито Матевски, Боро Трајковски, Илија Јакимов и еден од основачите на Скопскиот партизански одред. Како член на Месниот комитет на КПЈ за Скопје, Благој го примил во партија Дучота.
Иако скршен од болка, Дучо , долго, долго во ноќта ги слушал последните, со крпи во устата, задушувани повици на Благој: – Смрт на фашизмот, слобода на народот! Да живее слободна Македонија! Да живее Партијата.
Јас, пак, од раскажувањето на баба Родна и Ружа, сигурна сум дека, кога умирал, Благој најмногу си мислел на Розина, која била уапсена со него, ама потем упатена во затворот во Софија.
Која е Розина Бак, другарката на Благој, како што велеле тогаш. Родена е во 1923 година во Шид, како ќерка на Јохан и Марија, Австријци, кои меѓу двете светски војни се нашле на просторот на бивша Југославија, најпрво во Хрватска, а потем во Скопје.
Јохан работел како инженер во железницата и бил активен синдикалец. Кога почнала војната, семејството Бак решило да се врати во Сент Лоренс, близу Салцбург, во родната куќа. Ама, матурантката Розина, имала други планови. Откако го
запознала младиот металски работник Благој, се зачленила во КП, се нурнала во литературата за работничкото движење, работничката класа, револуцијата, експлоатацијата… И… скокнала од возот со кој нејзините заминувале и останала во
Скопје. Се вериле со Благој, а за кум го одбрале Васил Гривчев.
Обајцата биле во Скопскиот партизански одред. Се бореле за Македонија и биле готови да умрат за неа!
Смртта на саканиот страшно ја погодила. Родителите на Благој, Ангел и Родна, кон Розина, која сите ја викале Ружа, се однесувале како кон снаа, а братот на Благој, Павле и сестрата Роза, како кон сестра.
И по смртта на Благој, партизанката Ружа Бак ја продолжила заедничката битка за ослободување на Македонија, гордо покажувајќи ја споменицата за учество во НОБ од 1941! По ослободувањето заминува кај своите во Сент Лоренс. Ама, по кус престој, им пишува на родителите на Благој за одлуката да се врати назад, дома, во Македонија.
Била добредојдена кај нив.
Се дообразувала, станала млада новинарка, а потем и директорка на „Просветена жена“! Се омажила и добила син, но бракот не опстојал. На дедо Ангел му се обраќала со „татко“, а баба Родна до смртта ја викаше „мамо“. Беше и остана, заедно со синот, наша најблиска роднина.
По распадот на Југославија, со синот се враќа во Австрија. Кога влошеното здравје ѝ се заканува по животот, пак бара да се врати ДОМА, во Скопје. Нејзиниот гроб е близу до оној на Благој, закопан во партизанската алеја. Неговото име, пак, го носеше фабриката „Благој Давков“, а во Дебар Маало, каде што била родната куќа на Давкови, една улица се вика така!
Имав ретка можност да ја запознаам тетка Ружа, зашто долги години учев со нејзиниот син, а кога се омажив за Благоја, сфатив дека Ружа и Горјан имаат статус на најблиски роднини на семејството Давкови и обратно.
Важеше за просветана жена, жена со став, храбра жена, хумана личност! По едно заедничко лето, поминато во нејзината родна куќа во Австрија, јасно ми беше дека младата Австријка не се борела за Македонија од љубов кон Благој, туку заради идеалите за слобода, мир и еднаквост на сите народи и поедници.
И јас верувам дека секој народ, како и секој поединец има КОЛЕКТИВНО И ЛИЧНО, НЕПОТРОШНО право на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ, НА СВОЈА историја, свое име и јазик. Не постоел ДРУГ МАКЕДОНСКИ НАРОД, ниту ДРУГ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК низ историјата,
освен НАШИОТ/мојот. СРАМНА ВИСТИНА е, дека, на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД како етнос, му забранувале да го користи СВОЕТО ИМЕ, наследено од предците, и СВОЈОТ НАРОДЕН, МАЈЧИН јазик, создаван, граден и далеку НАЗАД во историјата, СО СИЛА
наметнувајќи му ТУЃИ јазици и писма. Неслучајно, сме присутни на прославата на денот на Светите браќа кај ПАПАТА.
Ниту некој создал „ВЕШТАЧКА“ НАЦИЈА, ниту, пак, МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК е есперанто.
И кога сме немале национална држава, сме биле МАКЕДОНЦИ, кои говорат ПРЕКРАСЕН МАКЕДОНСКИ јазик.
Македонскиот јазик не е од 1945 и мислам дека прославата на Денот на кодификацијата, 5 мај, како „Ден на македонскиот јазик“ не е среќно решение, со оглед на неговата вистинска старост. Доцната кодификација на МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК не значи дека ТОЈ „НАСТАНАЛ“, односно „БИЛ (И)ЗМИСЛЕН “ во 1945, ами дека ВЕКОВНАТА БОРБА, потврдена со АНТИФАШИСТИЧКАТА, се КРУНИСАЛА со МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА ДРЖАВА, како ПОТВРДЕНА ЕВРОПСКА И БАЛКАНСКА
РЕАЛНОСТ, и дека, „КОНЕЧНО“, МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА можела да го кодифицира еден од НАЈСТАРИТЕ европски јазици, МАКЕДОНСКИОТ, како ДРЖАВЕН, СЛУЖБЕН ЈАЗИК во ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
МАКЕДОНСКОТО национално малцинство и македонскиот јазик се НЕПОБИТНА РЕАЛНОСТ во сите соседни држави, која, за жал, некои од нив „НЕ ЈА ГЛЕДААТ“.
ТРАГИЧЕН (НЕ)ЕВРОПСКИ ФЕНОМЕН е да се соочуваме со АСИМИЛАЦИЈА и НЕГИРАЊЕ во 21 век, во време на ВАЖЕЊЕ на Рамковната конвенција за заштита на првата на малцинствата“, отпечатена на официјалната страница на Советотот на Европа и на македонски јазик и кирилско писмо ((https://rm.coe.int/CoERMPublicCommonSearchServices/DisplayDCTMContent? documentId=09000016800c130f и „Европската повелба за регионални и малцински јазици“, исто така, објавена и на макеонски јазик и кирилско писмо
((https://rm.coe.int/CoERMPublicCommonSearchServices/DisplayDCTMContent?
documentId=09000016806d3584 .
Го знаат ли ова нашите соседи и членките на ЕУ? Да не говорам за пресудите на Судот во Стразбург против Бугарија и Грција, или тие не важат за нашите соседи?
Многу држави имаат споделена, конфликтна, па и крвава историја. Споделената историја не се диктира и НАМЕТНУВА од политичарите и историчарите на поголемата и посилна држава, туку се дебатира и брани со научни аргументи, со научни трудови, на научни конференции. Во која современа држава се преговара чии биле историските личности или историските настани? Па, нели се цивилизациска придобивка? Не е време за враќање на „Тажна Нова 1913“, или „Трагична Стара 1941“, или некој мисли дека е? Кога ќе влеземе во НОВОТО ВРЕМЕ на меѓусебно разбирање и почитување, решени да ги ублажиме болките од минатото? За што се бореле Благој Давков и Розина/Ружа?
Ќе доживеам ли, некој доблесен бугарски премиер или претседател, по примерот на Вили Брант, но и Георги Димитров, да собере сила и еден ден да му се извини на македонскиот народ, како и на македонските Евреи за фашистичкиот погром на тогашната окупаторска бугарска власт, за да отвори ПАТ за вистинско помирување и заемно почитување на двата народа. Ќе собере ли сила неког грчки носител на висока државна функција да се извини за злоделата врз егејските Македонци? Им посакувам ЕПИФАНИЈА!
ГОЛЕМОТО ИЗВИНУВАЊЕ ќе роди ПРОШКА и ПОМИРУВАЊЕ.
Искрената и неусловена помош на Бугарија и Грција на македонскиот европски пат е добредојдена! Таа ќе го зајакне пријателството и добрососедството. Доста со празната „ЕВРОПСКА“ РЕТОРИКА СРЕД БАЛКАНСКАТА ПРАКТИКА, покриена со ЕВРОПСКО ЗНАМЕ!