Со Закон со две реченици треба да се гради Клинички центар од 500 милиони евра?!

Предлог-законот за изградба на нов клинички центар, кој власта упорно се обидува да го помине во Собрание по скратена постапка, содржи само девет члена, а доколку би се испечатил на хартија, тогаш не би се потрошиле повеќе од два листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, за Плусинфо.

– Како да кренеме рака во Собранието и да го изгласаме законот за изградба на нов клинички центар, кога тој закон е составен од неколку реченици, а треба да овозможи изградба на комплекс кој би чинел 500 милиони евра? Во тој предлог-закон кој е испишан на само два листа хартија, нема наведено апсолутно никакви конкретни податоци, рокови, информации, планови, стратегија, финансиска конструкција, како и физибилити студија за тоа како би се одвивала реализацијата на проектот за изградба на новиот клинички центар. Предлог-законот наместо да обезбеди избор на најдобрата компанија за изградба на клиничкиот центар, тој стимулира некаква заедница на компании. На тој начин се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач, туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Уште една проблематична работа е експропријацијата, односно не се решени имотно-правните односи на земјиштето каде што е планирана изградбата на здравствениот комплекс. Владата најавува дека ќе одзема приватни земјишта, а дури потоа ќе се договара со сопствениците на тие земјишта. Станува збор за многу сложен проект за кој ќе бидат потрошени половина милијарда евра, а власта до пратениците испраќа штур предлог-закон составен од само седум члена. Ова отвора сериозни сомнежи и наведува на голем криминал што власта планира да го спроведе – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот клинички центар е планирано да се гради на локацијата Веле Поле во населбата Ѓорче Петров. Ветувањето на власта е дека изградбата ќе почне до крајот на четиригодишниот мандат. Проценката е дека ќе чини околу половина милијарда евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.